Интервју со Душко Никовски – FROMMK.COM со поддршка за младите музички таленти

1. За почеток, кој е Душко Никовски надвор од музиката? Како би се опишале себеси и колку вашата личност се разликува од онаа што публиката ја гледа преку вашите настапи?

Надвор од музиката, јас сум едноставен, искрен и позитивен човек. Ги сакам семејството, пријателите, традицијата и својата татковина. Секогаш се трудам да останам скромен и да бидам свој, и на сцената и надвор од неа.

2. Кога започна вашата љубов кон музиката? Дали музиката беше дел од вашето детство или со текот на годините се претвори во сериозна животна определба?

Мојата љубов кон музиката започна уште од најрана возраст, бидејќи и татко ми е музичар. Љубовта кон музиката се пренесува од генерација на генерација, а јас отсекогаш сум ја сакал и сум ја чувствувал како дел од себе.

3. Кој или што имаше најголемо влијание врз вашето музичко оформување? Дали постои музичар, автор или одреден музички правец кој особено ве инспирира?

Најголемо влијание врз моето музичко оформување имаше љубовта кон старите македонски народни песни, особено песните на Никола Бадев, Александар Сариевски, Кирил Манчевски и многу други.

4. Како би го дефинирале вашиот музички стил? Што е она што сакате да го препознае публиката како ваш личен музички потпис?

Би го дефинирал како искрена љубов кон својата татковина. Верувам дека публиката досега добро го препознава тоа, за што сум им искрено благодарен на сите.

5. Колку е тешко денес еден млад македонски музичар да изгради сопствено име и да се избори за своето место на музичката сцена?

Секако дека е многу тешко, но не е невозможно. Со голема љубов кон својата работа, посветеност и упорност, може да се постигне многу.

6. Дали досега сте се соочиле со моменти кога сте помислиле да се откажете од музиката? Што ве мотивирало да продолжите и да верувате во сопствениот потенцијал?

Никогаш не сум се соочил со таков момент, бидејќи искрено си ја сакам својата работа и не се откажувам од неа, без разлика на предизвиците.

7. Колку е важна поддршката од семејството, пријателите и најблиските во градењето на една музичка кариера? Дали зад вашиот досегашен успех стои и нивната поддршка?

Секако дека поддршката од моите најблиски е многу важна. Ја добивам во целост и таа ми значи неизмерно многу.

8. Кога создавате или изведувате музика, што ви е најважно – емоцијата што ја пренесувате, квалитетот на изведбата или реакцијата на публиката?

Искрено, сè ми е многу важно, но кога ќе видам дека публиката е среќна, тогаш и јас се радувам најмногу. Тоа ми значи повеќе од сè.

9. Колку социјалните мрежи и дигиталните музички платформи им помагаат на младите музичари да стигнат до поширока публика? Дали денес талентот е доволен или неопходна е и добра стратегија за промоција?

Сметам дека социјалните мрежи имаат многу голема улога во денешно време, но бараат и добар маркетинг, посветеност и интересни видеа кои ќе го привлечат вниманието на пошироката публика.

10. Како ја оценувате актуелната македонска музичка сцена? Дали сметате дека младите музичари добиваат доволно простор, медиумска поддршка и можности за професионален развој?

Македонската музичка сцена ја оценувам како недоволно отворена за младите музичари, бидејќи сметам дека не им се дава доволно простор за развој. Сепак, се надевам дека работите ќе се променат на подобро, бидејќи Македонија има многу млади таленти.

11. Дали имате музички соработки што особено ги посакувате? Со кои македонски или регионални изведувачи би сакале да снимите заедничка песна или да реализирате музички проект?

Секако дека имам желба за такви соработки. Се надевам дека со текот на времето ќе се остварат. Има повеќе пејачи и пејачки, и од помладата и од постарата генерација, со кои би сакал да соработувам и да снимам дует.

12. Колку ви е важно преку вашата музика да ја претставувате Македонија и македонската култура? Дали во иднина гледате можност за настапи и проекти пред македонската дијаспора ширум светот?

Тоа ми е една од најголемите цели – преку мојата музика да ја претставувам Македонија и македонската песна ширум светот. Досега сум имал четири патувања во странство, во Европа, каде што си поминав прекрасно. Најсреќен сум кога гледам како нашите Македонци се сплотуваат и се веселат со македонска музика.

13. Кој досегашен настап, музички проект или професионален момент го издвојувате како особено значаен за вас? Зошто токму тој момент оставил најсилен впечаток?

Досега би го издвоил настапот на музичкиот фестивал „Смотра“, каде што се претставив со песната „Ајде, сонце зајде“. Тоа беше прекрасно искуство за мене. Исто така, многу ми значат патувањата во странство поврзани со музиката, особено гостувањето во Виена, Австрија.

14. Кои се вашите следни професионални чекори? Дали подготвувате нови песни, видеоспотови, соработки или поголеми музички проекти што публиката може да ги очекува?

Засега не би сакал да откривам детали, но публиката може да очекува нешто ново од мене во иднина.

15. За крај, каква порака би им испратиле на младите луѓе во Македонија и дијаспората во Америка кои имаат музички талент, но сè уште немаат доволно храброст да го направат првиот чекор кон остварување на својот сон?

На сите оние кои немаат доволно храброст да го направат првиот чекор, би им порачал да продолжат да се трудат. Со текот на времето ќе се опуштат, а нивниот талент ќе излезе на површина.
Сакам да ги поздравам сите наши Македонци во Америка и да им се заблагодарам за поддршката што секојдневно ја добивам од голем број луѓе.

 

Фотографиите објавени во рамките на ова интервју се наменети исклучиво за користење на FROMMK.COM, нивното преземање, копирање, повторно објавување, дистрибуирање или користење на други интернет-страници и социјални мрежи без претходна писмена согласност од редакцијата е забрането.

 

Последни вести