Блаже Стрезоски: Конзервативните вредности се темелот на семејството, а почитта кон жената е одлика на вистинскиот џентлмен

За жал, периодов сведоци сме на неколку настани од кои на секој нормален човек му се стега срцето и чувствува немир. Не може и не смее да се премолчи. Повторно читаме за жени кои се тепани, живи запалени, малтретирани, жени што пострадале од рацете на оние што требало да ги чуваат. Повторно гледаме како еден дом, наместо место на мир и хармонија, станува место на страв. И повторно се прашуваме, каде згрешивме како општество?

Одговорот, колку и да не сакаме да го чуеме, е едноставен: таму каде што семејството престана да биде светост и каде што се изгуби вербата во Бог, таму започна распадот на се’ останато. Јас како десничар и конзервативец, со години повторувам една вистина што денес ја гледаме со свои очи: семејството не е застарена институција, туку темелот врз кој стои една нација. Десничарските, конзервативни семејства се столбот на секое здраво општество, таму каде што тие се мнозинство, таму има ред, почит и иднина. Мажот и жената, бракот, децата, вербата во Бог, почитувањето меѓу генерациите, тоа не се „старомодни” вредности, туку единствениот рецепт што некогаш функционирал. Кога тој темел ќе се разниша, не страда само еден дом, страда целото општество.

А во срцето на тој дом е жената…

Иво Андриќ ќе каже: „Жената стои како капија, на излезот и на влезот во овој свет“, а јас ќе кажам: жената е најубавото нешто што можеме да го имаме. Таа е бабата која те гледала како мал, мајката што не преспала ноќи, сопругата што го држи домот кога се’ друго се руши, ќерката што носи радост, сестрата што е секогаш тука. Таа раѓа, воспитува, трпи и простува повеќе отколку што знае да каже. Жената се сака и се почитува, не се контролира , не се поседува, не се понижува и никогаш не се удира.

И да расчистиме една заблуда: конзервативните вредности не ја затвораат жената дома. Напротив, токму во едно здраво, десничарско семејство жената може да има се’. Да роди и да воспита многудетно семејство и истовремено да гради кариера, да биде успешна во својата работа и почитувана во општеството. Повеќе деца не се пречка за кариера, тие се нејзината најголема смисла и поттик. Кога зад жената стои маж што ја сака, ја почитува и ја поддржува, таа може да биде и мајка на многу деца и врвна професионалец. Тоа е вистинската слобода на жената, а не онаа што и ја нудат оние што семејството го сметаат за товар.

Не е доволно само да се згрозуваме по секој нов настан. Вредностите не се бранат со зборови по социјалните мрежи, туку се живеат дома: синот се учи од таткото како се почитува и чува жена, ќерката се учи од мајката колку вреди и со какви сфаќања треба да пријде во еден дом. Домашното воспитување е влогот или цената во какво општество ќе живееме.
Затоа, да не чекаме следен настан за повторно да се згрозиме и да заборавиме до следниот, да не биде секое чудо за три дена. Промената почнува во институциите и во законите но таа исто така почнува во секој дом, во секој маж, во секој татко. Почнува од примерот што го даваме денес, пред очите на нашите деца.

И запаметете: нација што го чува семејството, мажот што се грижи за жената, фамилија што има многодетни семејства, што го брани домот и што ја држи вербата во Бог, таа нација има иднина. Се’ останато е само тешка заблуда од кое се создаваат монструми а не џентлмени.

Колумнист: Блаже Стрезоски

Последни вести