Велес е огледало на македонската историја, срце на прогресот, гнездо на талентот, борба и достоинство. Тоа е град на силен збор, чиста душа и луѓе што никогаш не ја забораваат својата татковина.
Велес е град во Централна Македонија, иј е седми град по број на жители со вкупно население од 40.664. Градот е сместен во долината на реката Вардар, на нејзините два брега во малата Велешка Котлина над Велешката клисура на надморска височина од 206 метри.
Историјата на Велес е стара колку и самиот тек на Вардар. Од античкиот град Вила Зора, преку византиската и османлиската ера, до херојската борба во НОБ и важната улога во современа Македонија. Велес секогаш бил град што се движи напред, но со поглед назад.
Токму од Велес тргнале Гемиџиите, хероите што ја разбудиле Европа со својот протестен крик. Тука е роден и Кочо Рацин, таткото на македонската современа поезија, чии стихови и денес ги носиме како совест и инспирација. Градот на Рацин, Брашнаров и Џинот.
Наоѓалиштата на фосилни остатоци во околината на Велес во селото Мамутчево, како и оние во глиништето во фабриката „Киро Ќучук” во самиот град, само ја потврдуваат теоријата дека овој простор отсекогаш бил населен со жив свет.
Во бронзеното време, кога се карактеристични почетоците на формирање етнички заедници, реонот на Повардарието го населувале Пајонците, Бригите и античките Македонци. За Велес и околината се претпоставува дека живеело пајонско население во текот на целиот I милениум п.н.е.
За време на раниот антички период, територијата на Велес влегувала во составот на пајонската држава, која се претпоставува дека ја сочинувале голем број градски населби. Хелинистичкиот слој јужно од градот кај наоѓалиштето Кале при влезот во Велешката Клисура покрива плато од 3,5 хектари површина оградена со бедем, на кој бил сместен најголемиот пајонски град Вила Зора. Вила Зора се наоѓала на самиот влез од Дарданија во Македонија така што Филип V освојувајќи ја во 217 година пред н.е., ја одбранил својата држава од упадот на Дарданците. Вила Зора бил значаен воен центар сè до последните години на македонското владеење
Античкиот град Стоби бил пајонски, македонски и римски град. Првиот документиран спомен за Стоби потекнува од 197 г. п.н.е., кога на тоа место македонскиот крал Филип V ја поразил дарданската војска. Во изворите каде што римскиот историчар Тит Ливиј го споменува овој податок, Стоби носи епитет на „стар град”. Урбаниот дел на Стоби се наоѓа опкружен со бедеми на вливот на Еригон во Аксиос, денес познати под името Црна Река и Вардар. Градот зафаќал мошне важна трговска и воена позиција. Променливите борби на Македонците со северните соседи биле судбоносни за Стоби. Стоби со околината дефинитивно потпаднал под македонска власт во 217 г. п.н.е. за време на владеењето на Филип V.
Местоположбата на Велес како главна раскрсница балканските патишта Вија Егнација и Виа Милитарис и многуте други локални комуникациски врски, била интересна за словенското население кое во VI век навлегло на Балканскиот Полуостров. Походите најпрво биле пајонски, а дури потоа кога грото од староседелците (романизирано население од македонско, пајонско и римско потекло) се повлекло кон приморјето и во планинските предели, а Словените почнале да ги населуваат. Границата помеѓу античкиот и средновековниот перио на тлото на велешкиот регион може да се определи конкретно во 70-тите и почетокот на 80-тите години на VI век. Тогаш се создадени првите склавинии на територијата на Македонија.
Со освојувањето на Скопје од страна на Византија, во 1004 година, велешката област станала гранична територија на македонската држава и добила улога на заштитник на нејзините цетрални делови. Царот Самоил се обидувал да го запре византиското навлегување на македонска територија, но во битката на Беласица во 1014 година доживеал катастрофален пораз. Со освојувањето на Прилеп и Штип, Велес останал отсечен од Македонија. Успевал да опстои само до 1018 година кога за првпат од доаѓањето на Словените бил принуден да потпадне под директна византиска власт т.е. да стане дел на византиското царство.
Со нападот на балканските сојузници во 1912 година конечно е ставен крај на турското владеење во Македонија, а Велес се нашол под српска власт. Вештачки повлечените граници низ природната целина на Македонија го нарушило вековното единство на територијата.
Со почетокот на Првата светска војна, во 1914 година Велес и околината биле цел на регрутација, мобилизација и реквизиција на населението. По окупацијата на Бугарија, една година подоцна, економската положба на населението уште повеќе се влошила. Со потпишувањето на примирјето во 1918 година вардарскиот дел на Македонија ѝ бил доделен на Србија.
Војната што се водела на територијата на велешко нанела многу штети на инфраструктурата, верските објекти и уметничките вредности. Населението било во социјален колапс. Најдоследните приврзаници за национално и социјално ослободување и обединување на Македонија ја продолжиле својата борба преку организацијата ВМРО.
Германските продирања на територијата на Македонија биле проследени со воздушни напади. Уште на 6 април 1941 година, Велес 13 пати бил надлетуван од германски авиони. Страв и паника се населиле во градот од плитар. Којник, Бузаана, Мегдан, Сармаале, Варналиите, железницата, мостот и центарот ги потресле силни детонации на 7 април рано наутро. Цели семејства го завршиле својот животен пат во тоа априлско утро. Другиот ден градот го зазеле окупаторските единици и бил блокиран целокупниот економски и културен живот.
На 2 септември 1944 година во с. Отиштино била формирана Осмата (македонска) велешка бригада. Нејзините дејствија биле насочени кон целосно ослободување на Македонија од фашистичкиот агресор. Ноќта меѓу 8 и 9 ноември бригадата пристигнала на територијата на Велес, поточно во с. Горно Оризари. Во 4 часот наутро на 9 ноември ги запоседнале борбените позиции за напад и ослободување на Велес. Во попладневните часови градот бил ослободен.
Кога Македонија се соочувала со конфликтот во 2001 година, во одбрана на територијалниот суверентитет и интегритет голем придонес дале и Велешани. Вкупно 6 бранители од Велес загинале,сите биле посмртно одликувани со Медал за храброст од Претседателот на Македонија.
Велес е културно срце со отчукувања што одекнуваат низ целата држава.
Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, еден од најстарите и најпочитуваните во Македонија, е дом на драма што ги поместува границите на сцената.
Рациновите средби – меѓународен фестивал на поезија, ја слави моќта на зборот како мост меѓу културите.
Градот на книжевноста и новите уметнички движења, со генерации млади уметници, писатели и музичари.
Спомен-домот на Кочо Рацин – место каде што поезијата станува живо наследство.
Часовниковата кула – чувар на времето и симбол на градот.
Манастирот Св. Димитриј и други духовни светилишта – сведоци на вековната вера.
Стариот велешки мост – точка што ги спојува генерациите.
Езерото Младост – оаза на природа, рекреација и спокој.
Велес е дом на традиционални јадења кои не се забораваат, тава со праз, домашни сарми, полнети тиквици, велешката пита со ореви.
Велес отсекогаш бил спортски град. Фудбал, борење, велосипедизам и имнастика како столбови на заедницата.
Фудбалскиот клуб „Борец“ има децениска традиција и стотици млади што сонуваат за првата лига.
Велес е дом и на олимписки шампиони во борење, врвни атлетичари, и ентузијасти на планинарење и трчање.
Градот на Гемиџиите, Рацин, Прличко и многу други историски личности не е само град туку дом на сите кои се далеку во дијаспората.