Крушево

Крушево е град во западниот дел на Република Македонија, во пазувите на Бушева Планина. Тој е градот на Крушевска Република. Над градот се наоѓа познатиот споменик Македониум. Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува највисок град на Балканот. Според пописот од 2021 година, Крушево има 4.104 жители.


ИСТОРИЈА

Крушево не е обичен град, тој е симбол. Токму тука, во 1903 година, се случи Крушевската Република, а Илинден е не само датум, туку чувство на борба, гордост и жртва. Домот на Никола Карев, Мечкин Камен, музеите за Илинденското востание, како и спомен-куќата на Тоше Проески го претвораат градот во жив музеј под отворено небо.

Илинденско востание

На 2 август 1903 година Крушево било ослободено и е формирана Крушевската Република. Била избрана привремена влада и народно собрание. Републиката траела до 13 август, кога градот бил нападнат од 15.000 турски војници под водство на Бахтијар-паша. Битките на Мечкин Камен и кај Слива се запишани како симбол на отпорот. По задушувањето, градот бил запален, а голем дел од населението се иселило.

Балканските и Првата светска војна

По Букурешкиот договор, Крушево потпаднало под српска власт. Во 1915 година Бугарија ја зазела територијата и спровела неколку интернации на крушевските Власи.

Втора светска војна

Крушевчани учествувале во Народноослободителната борба. Во 1942 година е формиран партизанскиот одред „Питу Гули“ кој извел повеќе акции. Градот бил конечно ослободен на 8 септември 1944 година.


КУЛТУРА

Крушевските градители, зографи и резбари оставиле белег низ Македонија и Балканот. Црквата „Св. Никола“ (1832), со иконостасот на Петре Филиповски – Гарката и Димитар Станишев, е еден од најпознатите сакрални објекти. Градот е познат и по традиционалната архитектура, галериите и музеите.


ЗНАМЕНИТОСТИ

Мечкин Камен – симбол на отпорот и слободата.

Спомен-куќата на Тоше Проески – место на љубов и инспирација.

Илинден (Македониум) – ремек дело на модерната архитектура.

Манастирот Св. Преображение и црквите – духовни оази со длабоко значење.

Галеријата на Никола Мартиноски – основоположник на современата македонска уметност.

Музејот на НОВ, Музејот „Леарница“, Споменикот на Никола Карев и Питу Гули.


АРХИТЕКТУРА

Крушевската куќа е симбиоза на влашката и мијачката архитектура. Таа е обележје на градот и сведоштво за традицијата и мајсторството на градителите.


ХРАНА

Домашна пита, крушевски зелник, печени јагниња во фурна, слатко од диви плодови и ракија што се пие со мерак. Трпезата е вистинска приказна исполнета со традиција и топлина.


СПОРТ

Крушево е светски познато по параглајдерството и е домаќин на светски натпревари. Популарни се и планинарењето, велосипедизмот, скијањето и зимскиот туризам.