ОХРИД или Балканскиот ерусалим е сместен на брегот на едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, Охрид не е само град, тој е чувство и емоција. Тоа е место каде историјата не мирува, туку зборува преку камените улици, низ мирисот на липата, преку камбаните на древните цркви и преку езерските бранови што шепотат вековна мудрост.
Охрид, град во југозападниот дел на Македонија и се наоѓа на североисточното крајбрежје на Охридското Езеро, кое по градот го носи и своето име. Градот е сместен во подножјето на планината Галичица, на надморска височина од 695 m, додека стариот дел од градот се наоѓа на повисока надморска височина до 740 m. Според последниот попис Охрид брои 38.818 жители. Охрид и Охридското Езеро се едни од главните туристички места во Македонија.
Поради големиот број на цркви и манастири односно Охрид има 365 цркви, градот е познат како Балкански и Европски Ерусалим. Охрид е познат и како „Градот на Светлината“, што претставува буквален превод на неговото старо име „Лихнид“. Охридскиот Регион е вклучен во светското наследство на УНЕСКО.
Охрид е еден од најстарите населени градови во Европа, со историја што се протега повеќе од 2.400 години. Познат уште од времето на античкиот град Лихнидос, Охрид бил духовен и образовен центар на Словените. Тука Светите Климент и Наум ја поставија основата на Охридската книжевна школа, првата словенска универзитетска институција. Охрид бил престолнина на Самуиловото царство, и еден од најважните центри на православието.
Лихнид се наоѓал на патот Вија Егнација, најстарата и најзначајната римска сообраќајница на Балканот. Бригијците и Енхелејците го сочинуваат најстарото население кое може според името да се идентификува во пошироката област на Охридското Езеро.
Охридската област во крајот на VI век била изложена на масовна словенска колонизација. Охридската област до 30-тите години на VII век била целосно колонизирана од словенското племе Берзити. Лихнид оттогаш го добил името Охрид.
Како учител и епископ Климент заедно со Наум ги поставиле основите на т.н. Охридска глаголска книжевна школа. Благодарејќи на дејноста на Климент и Наум, градот Охрид, во втората половина на IX век израснал во еден од најразвиените и најпознатите средновековни словенски културни центри.
Во време на царот Самуил, Охрид станал религиозен центар и главен град на царството. Неговите тврдини и ден денес стојат високо над самиот град.
Во 1204 година, за време на четвртата крстоносна војна Охридскиот крај заедно со другите југозападни македонски области биле вклучени во рамките на Солунското латинско кралство. Во 1334 година српскиот крал Душан ги презел градовите Охрид, Прилеп и Струмица. Во 1378 година, била доградена црквата Света Богородица Перивлепта (Свети Климент) во Охрид.
Охрид не само што бил најважниот град во регионот, туку бил и најважниот образовен центар и извор на писменоста на сите словенски народи. Во Охрид се наоѓа најстариот универзитет во Европа (IX век), додека во местото Плаошник близу градот се наоѓа реставрираната црква Св. Климент чии наоди укажуваат на фактот дека пак таму имало универзитет од XIII век.
Кон самиот крај на XIV век турскиот султан Бајазит I успеал речиси насекаде во Македонија да ја наложи својата власт. Во 1408 година, Охрид потпаѓа под власта на Османлиите и наредните пет века опстојува како дел од тогашната Отоманско Царство. Турците, по своето доаѓање во овој крај, се населиле во рамничарскиот дел на исток и на запад од градот, додека поугледните и побогатите турски бегови изградиле и свои живеалишта покрај езерскиот брег, надвор од тврдината, во месноста Трсија.
Основањето на првиот комитет на ТМОРО во Охрид се случило во август 1894 година. Пролетта 1901 година се пристапило кон создавање на чета со враќањето на неколкумина печалбари. За време на Илинденското востание во Охридско се воделе непрекинати борби во текот на целиот месец август 1903 година. Во време на востанието во Охридско имало 31 борба. Четите од Илинденското востание својата борба ја продолжиле и во текот на Младотурската револуција во 1908 година.
Охридската околија за време на Првата балканска војна била поделена од страна на Србија и Бугарија на два дела: еден кој припаднал под српска власт и друг чиј статус требало да се решава по крајот на војната. Српската војска во Охрид влегла на 22 ноември 1912 година. Во војната се вклучиле и голем број охриѓани со надеж дека Македонија ќе биде ослободена.
Поради незадоволсвото од потпишувањето на Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија, во септември 1913 година во Западна Македонија (Дебар, Охрид, Струга) е кренато востание, познато како Охридско востание. На 12 септември четите на Петар Чаулев и Павле Христов влегле во Охрид.
Охрид за време на Првата светска војна, Охрид и Охридско потпаднале под бугарска власт. За време на оваа окупација извршени се бројни ограбувања и однесени се предмети, книги и друго материјално богатство што се векови сведочело за достигнувањата на Охридската архиепископија. По пробивот на Македонскиот фронт во септември 1918 година, силите на Антантата ги поразиле бугарската и германската војска, така што тие ја напуштиле Македонија.
Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, бидејќи биле под притисок на германските сили, тие се повлекле. По борбите меѓу партизаните и германските сили ноќта меѓу 7 и 8 ноември градот е ослободен.
Во 1958 година во црквата „Света Софија“ бил одржан Вториот македонско црковно-народен собор на кој била донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија и истата да го носи името Македонска православна црква. На Третиот македонски црковно-народен собор, кој исто така се одржал во црквата „Света Софија“ во 1967 година била донесена одлука за прогласување автокефалност на Македонската православна црква.
Секој чекор во Охрид е лекција по историја и култура. Охридското Езеро, бисерот на Македонија и Европа, заштитено од УНЕСКО, е дом на уникатна флора и фауна. Неговите чисти води, глетките кон планината Галичица и плажите како Градиште, Св. Наум и Лагадин.
Во лето, градот пулсира со музика, театар, изложби и уличен живот.
ФК Охрид Лихнидос и Градскиот стадион „Билјанини Извори“. КК АВ Охрид.
Охридски пливачки маратон (ФИНА), кајакарство, веслање, рекреативно нуркање.
Галичица: планинарење, планински велосипедизам, трекинг и трчање.
Параглајдинг и екстремни спортови.
Ако си далеку од дома некаде во дијаспората, но во себе го носиш мирисот на езерото, звукот на камбаните и детските спомени од калдрмата. Охрид те чека. Да прошеташ по кејот, да ги видиш старите улици, да ги допреш камењата на тврдината и да почувствуваш дека си дома. Бидејќи има само едно дома, а тоа е Македонија.