Македонските православни верници во Чикаго го слават Божиќ.

Во духот на радоста, љубовта и заедништвото, македонските православни верници во Чикаго како и во неколку други градови низ Америка го прославија големиот христијански празник – Божиќ. Светата богослужба во Чикаго беше исполнета со молитва, тишина и длабока духовна радост, обединувајќи ја заедницата околу Христовото Рождество.
Посебно и свечен момент беше на крајот од богослужбата, кога парохискиот свештеник, отец Тони Јошевски, беше одликуван со напрсен крст и произведен во чин Протојереј-ставрофор. Ова највисоко црковно одликување претставува признание за неговата посветена служба, несебичниот труд и искрената пастирска грижа за верниот народ кој живее во Чикаго Америка.

Отец Тони, со години е еден од најцврстите столбови на македонската заедница во Чикаго, духовен водач, советник и искрен чувар на верата, јазикот и традицијата. Неговата посветеност, човечност и постојана присутност меѓу народот го прават не само свештеник, туку и вистински татко на заедницата, кој ги обединува Македонците околу црквата и татковинските вредности.

Со благодарност и почит, верниците му посакаа честито и вековито, со надеж дека и понатаму ќе биде духовен столб и светлина за македонската православна заедница во Чикаго.

Достоен, Достоен, Достоен!

Христос се роди – Навистина се роди!

Преземањето, копирањето или неовластеното користење на авторски содржини (текстови и слики) од оваа страница не е дозволено. Во случај на злоупотреба, ќе биде покрената соодветна правна постапка.

Последни вести