Берово

БЕРОВО не е само град, Берово е тишина што зборува, планина што гушка, душа што шепоти низ боровите. Овде сонцето изгрева низ росата, воздухот се пие, а човекот живее во склад со природата.
Берово е град во источниот дел на Република Македонија, кој е сместен под падините на Малешевските Планини, во негова близина се наоѓа и Беровското Езеро.

За тоа како го добило Берово своето име, постојат две верзии. Според првата, тоа го добило своето име по името на некојси сточар Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар.
Според втората верзија која е поверојатна името Берово произлегло од тоа што луѓето се береле (се собирале) на тоа место.


Историја

Историјата на Берово е исткаена од тишина, борба и вера. Градот и Малешевскиот крај низ вековите биле прибежиште за слободољубиви луѓе, македонски селани, револуционери, занаетчии и духовници.
Црквата „Св. Архангел Михаил“, изградена од беровци со своите раце и срца, е симбол на тоа што значи заедништво и верба. Во неа се гледа народната душа, непокор, чест и достоинство.

Втората светска војна

Вкупно 38 жители на Берово се заведени како жртви во Втората светска војна.


Култура

Во Берово, традицијата се живее. Секој празник има ритуал, секој обичај има значење. Жените од Малешевијата уште плетат и везат, како што правеле нивните мајки.
На свадби, сѐ уште има долги ора, и мирис на печено месо во двор.
Малешевскиот фолклор е богат, со автентични носии и препознатливи орнаменти што се чуваат како нешто свето.

Музеј на град Берово

Овој објект, за кој беровчани се сентиментално врзани бидејќи е еден од препознатливите елементи на градот. изграден е на крајот на 19 век, па до осумдесеттите години на минатиот век имал различна намена, секогаш поврзана со дел од административните функции на градот- училиште, суд, библиотека.


Стопанство

Населението во градот и целата Малешевска област се занимава претежно со земјоделство. Поради специфичноста на земјиштето во Малешевијата најмногу се одгледува компир, по кој Берово е надалеку познат. Исто така Берово е познато и по беровското бело сирење.


Храна

Малешевски питулици, коприварки, зелник, качамак.
Домаќинско сирење и урда од беровските фарми.
Чист природен мед.
Ајвар, печен боб, сува слива во сос.
Ракија од шипка, сливи или круши.

Во Берово не се оди гладен. Таму се седи на трпеза, се зборува мирно, и се наздравува за здравје.


Знаменитости

Рај на 1000 метри надморска висина. Тоа е највисоко населено место на Балканот, со најчист воздух во Македонија.
Беровското езеро, тивка убавина обиколена со борова шума, совршена за прошетка, велосипед, или само длабок здив.
Манастирот Св. Архангел Михаил, тивка духовна оаза.
Планините на Малешевијата, повик за планинари, љубители на чиста природа, и место за мир.
Етно-села, стари воденици, шеталишта и патеки – како од бајка.


Настани

Беровско културно лето,со концерти, поезија, уметнички изложби.
Петровден, Голема Богородица, Богојавление, Водици. Прослави со обичаи што се чуваат со генерации.
Денот на градот ,7 Септември, кога се оддава почит на историјата.


Спорт

Иако мал град, Берово со гордост го негува спортот:
ФК Малеш, фудбалскиот клуб со традиција, кој го носи името на целиот регион
Млади ентузијасти во кошарка, ракомет, карате, планинарство и велосипедизам.
Планинарски друштва и спортски клубови.


За сите беровчани низ светот, Во секоја слика од езерото, во мирисот на борот, во секој звук на стара песна. Берово е со нас и во нас.