Дебар

Градот кој е пример за соживот

Некои градови зборуваат тивко, ама оставаат длабоки траги. Дебар е таков. Скриен меѓу планини и езеро, каде што шумата го гушка градот, а историјата ѕвони во секоја црква, џамија, дуќан и улица. Дебар се памети, се сонува и се носи со себе, каде и да одиш.

Дебар е град во западниот дел на Република Македонија и како општина опфаќа 15 412 жители. Лежи во Дебарското Поле, во подножјето на планината Крчин на 625 м надморска височина, а е опкружен со планините Стогово и Јабланица. Градот се наоѓа на брегот на Дебарското Езеро, создадено со изградбата на браната Шпилје во 1969 година. Планините Крчин, Тикварци и Пашина Ливада му даваат преубав изглед.


ИСТОРИЈА

Словените се населиле во Дебарската област во VII–VIII век. Од 122 називи на села во регионот, 103 имаат словенско потекло. Во 17–19 век се развила Дебарската дрворезбарска школа, чијашто уметност украсува бројни цркви во Македонија, Србија, Бугарија и Русија. Во градот бил затворен и македонскиот преродбеник Григор Прличев.

Потекло на името: зборот „дебар“ на старословенски значи долина/котлина, што одговара на географската положба на градот. Постојат и народни легенди, според кои името доаѓа од повикот на кираџиите „Ди-бре, ди-бре!“ кон заморените коњи.


КУЛТУРА

Дебар е симбол на мултикултурноста – тука живеат Македонци, Албанци, Турци и Роми. Се слават и Велигден и Бајрам, песните се двојазични, а соживотот е секојдневие. Градот е познат по:

  • Дебарското Езеро – природно богатство и место за рекреација
  • Бањиште и Косоврашка Бања – термални извори со лековити својства
  • Планината Кораб – највисок врв во Македонија
  • Манастирот Св. Јован Бигорски – духовен центар стар над 1000 години
  • Манастирот во Рајчица – познат по монашкиот живот и традицијата

СТОПАНСТВО

Главни стопански капацитети во Дебар се: фабриката за гипс „Радика-КНАУФ“, „Дебарските Бањи Цапа“ и хидроцентралата „Шпилје“. Во градот опстојуваат занаети како терзии и дограмаџии, а традиционалните килими се извезуваат во странство.


СПОРТ

  • ФК Кораб – локален фудбалски клуб основан во 1921 година