Демир Капија

Градче во срцето на Тиквешијата

Демир Капија, гратче во Република Македонија, непосредно пред познатата Демиркаписка Клисура од десната страна на реката Вардар. Демир Капија е важна железничка станица и се наоѓа непосредно до меѓународниот автопат Е75.

Гратчето се наоѓа во јужниот дел на областа Тиквешија. Низ Демир Капија тече реката Бошава, којашто недалеку од него се влева во Вардар. Се наоѓа на 115 метри надморска височина.


ИСТОРИЈА

Минатото на Демир Капија е поврзано со познатата живописна Демиркаписка Клисура, место од кое што почнувале и завршувале многу воени походи, место кое во различни периоди било граничник на повеќе владетели и место кое што било седиште на посебни феудални господари кои ја окупирале територијата и владееле со неа.

Со доаѓањето на Османлиите, населбата во тврдината престанала да живее, месното население било раселено на ново место неколку километри на север и била наречена Бања, според топлите водени бањи кои на овој простор постојат од многу старо време.

Најголемиот дел од минатото на Демир Капија е поврзано со постојани војни и трауми кои ги доживувало месното население. Овој град бил окупиран и завладуван од повеќе владетели и тоа за време на многу кратки периоди. Поради тоа не било овозможено развојот на економскиот живот да добие поголеми размери, туку она што се произведувало било разграбувано од војските.

За време на петвековното владеење на Османлиите многу малку работи се промениле. Населението било зависно од турските феудалци кои располагале со нивниот живот и слобода. Дури по протерувањето на Турците во 1912–1913 г. населението се ослободило од таа зависност и започнало да живее послободен живот. Но тоа траело кратко бидејќи по неколку години била воспоставена бугарска односно српска окупаторска власт.

Во Првата светска војна територијата на Демир Капија била освојувана од бугарско-германски и српско-англиски воени сили. Првата светска војна оставила пустош во градот. Последиците од неа се чувствувале долги години по неа. За време на Кралството Југославија 1919–1941 година економската состојба била лоша бидејќи никој не вложувал во ова подрачје.

Целиот период на Втората светска војна во Демир Капија изобилувал со крупни настани на воен план. Поради добрата геостратешка позиција тука бил сконцентриран значителен број на германска и бугарска војска. Борбите за населбата станале почести, а посебно се прошириле во 1943 и 1944 година што придонело важноста на Демир Капија да биде од животно значење за повлекувањето на германските единици од Грција, поради што населбата била претворена во вистинска неосвоива тврдина. По повлекувањето на Германците, како и силните борбени дејствија на Македонците во 1944 година, Демир Капија била ослободена.

По Втората светска војна во Демир Капија се населени голем број жители од селото Трлис, Драмско, Егејска Македонија.


КУЛТУРА И ТРАДИЦИЈА

Секоја песна, секое оро, секој обичај во Демир Капија се чувани како светост. Старите занаети, везовите, традиционалните носии и македонската песна сè уште живеат преку културните манифестации и семејните слави. Нашите корени се длабоки и нè држат исправени, без разлика каде сме по светот.


ВЕРСКИ ГРАДБИ

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“


ВИНО И ХРАНА

Познат како дел од винскиот регион Тиквеш, Демир Капија е дом на некои од најдобрите македонски вина. Винарските визби како „Попова Кула“ и „Камник“ нудат вина што ја носат душата на ова поднебје.

Не постои ништо поубаво од мирисот на домашна пита, сарма или македонското тавче гравче, зготвени со љубов, токму како што ги паметиме од детството.


НАСТАНИ И ПРАЗНИЦИ

Годишни настани како Денот на Општината (7 септември), винските фестивали, културните манифестации и велигденските собири ги обединуваат младите и старите, домаќините и оние што се вратиле на неколку дена.

Без разлика дали сме во Америка, Австралија, Канада или некаде низ Европа, Демир Капија е секогаш со нас. Во мирисот на лозјето, во гласот на нашите баби и дедовци, во споменот од детските лета и трчањето по ридовите. Да се вратиме, ако не со чекори, тогаш со мисли, љубов и почит. Демир Капија не е само град, Демир Капија е корен. И секој што еднаш почувствувал љубов кон Демир Капија, знае дека тоа чувство не се заборава.