КАВАДАРЦИ, град што не е само точка на мапата, туку чувство што пулсира во срцето на секој Тиквешанец. Кавадарци е град во југоисточниот дел на Повардарието, во Јужна Македонија и претставува центар на Тиквешијата.
Кавадарци има историја вткаена во лозата, но и во борбата. Од древните тракиски и пајонски племиња, преку римскиот период, па сè до Илинденското востание и НОБ, нашата земја секогаш била жива, непокорна и горда. Градот растел, се менувал, но никогаш не заборавил кој е.
Како град Кавадарци почнува да се развива во почетокот на XIX век, меѓутоа во околината се наоѓаат археолошки ископини што укажуваат дека овде постоела населба уште во античко време и во средниот век. Како сведоци од средновековието се многуте прекрасни цркви и манастири во околината, особено околу пештерите на бреговите на Тиквешкото Езеро.
Во јули 1894 година, по иницијатива на Даме Груев бил основан вториот комитет на МРО во Кавадарци. Како обележување на тој миг, Советот на Општина Кавадарци во јули 1999 година поставил спомен плоча во градот.
Во јуни 1913 година, Кавадарци станува еден од центрите на Тиквешкото востание, првиот народен вооружен отпор против новата српска власт. Востанието е предизвикано од насилствата на српските окупаторски власти врз македонското население при обидите за асимилација. Поддржано од ВМРО, востанието собра околу 1.000 востаници и ослободи десетици села низ Тиквешијата.
Спомен-костурницата во Кавадарци е монументален споменик кој симболизира стара македонска куќа и претставува вечен дом на борците жртви од Втората светска војна. Во неа се чуваат нивните посмртни останки, а на гранитни плочи се испишани нивните имиња.
Кавадарци е познат како срцето на лозарството. Најзначајни објекти се Винарската визба „Тиквеш“, ФЕНИ, „ИГМ“, „Алајанс Уан Македонија АД“, „Металекс“ и стовариштето „Златибор“. Современо стопанство носат и бројните приватни винарии („Чекоров“, „Попов“ и др.), како и фабриката „Дрекслмаер“ која вработува илјадници луѓе.
ФК Тиквеш (основан во 1930) е симбол на Кавадарци. Со генерации играчи и навивачи, клубот е повеќе од спорт – тоа е гордост и традиција. Навивачката група „Лозари“ ја држи атмосферата жива. Кошаркарскиот клуб „Фени Индустри“ со титули и европски настапи ја прошири спортската слава на градот.
Тиквешки гроздобер е главната манифестација која секоја година го слави винското наследство. Т’к – Так Фест, фестивалот „Дедо цепе борина“, како и бројни културни настани ја збогатуваат сцената. Кавадарци е престолнина на македонското вино, со лозја што раѓаат едни од најдобрите вина во светот.
Марковата Куќа, Тиквешкото езеро, манастирот Дреново, ридовите на Ваташа и лозовите патишта – сето ова ја красат Кавадарци и ја прават уникатна дестинација. Природата овде е дел од животот и секојдневието.