Скопје

Скопје е главен и најголем град во Република Македонија, кој воедно претставува административен, политички, стопански, културен, образовен и научен центар. Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Скопје има 422.540 жители.


Потекло на името

Градот Скопје во текот на своето постоење во зависност од историските прилики бил именуван со различни имиња. Античкото име му е Скупи. Во византиските документи градот е забележан како Скопија, а Словените го означувале и како Скопiе, Скопје, Скопље. За време на владеењето на цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото Царство.


Историја

Најстарите сведоштва и археолошки пронајдоци тврдат дека Скопје е населен уште од 4000 г.п.н.е.

Средновековна историја

За првпат градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се споменува, а скопската котлина добива нов град со името „Јустинијана Прима“.
На 16 април 1346 година во Скопје Стефан Душан бил крунисан за цар во присуство српскиот патријарх Јоаникиј и во него го донел познатиот Душанов законик.

Османлиски период

Градот потпаѓа под османлиска власт во 1392 година, каде што стопански почнува брзо да се развива и станува еден од најразвиените и најголеми градови во европскиот дел на Отоманското Царство, како и значаен занаетчиски и трговски центар.
Во XIX век Скопје станало важен сообраќаен центар каде што почнува да цвета занаетчиството. Првата електрична светилка во Скопје засветила во 1909 година, со помош на мала дизел електрична централа, која служела за напојување на пумпната станица за потребите на градскиот водовод.
На 25 октомври 1912 година, по 520-годишно владеење, Османлиите го напуштиле Скопје, а веќе наредниот ден во градот влегла Моравската дивизија на српската војска, со што градот потпаднал под српска власт.
Набрзо, Скопје било седиште на истоимената општина, посебната единица Окружен Град Скопје, и Скопскиот Округ. Скопје било единственото населено место во рамки на општината.

Првата и Втората светска војна

За време на Првата светска војна Скопје се наоѓа под окупација на бугарските и австроунгарските сили, а по завршување на војната станува дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.
Во Втората светска војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и остана во градот сè до 9 септември 1944 година. На 13 ноември 1944 година борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та македонска бригада го ослободуваат Скопје.
По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година, градот брзо се развива и станува индустриски, културен и административен центар.


Земјотресот од 1963 година

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот Скопје беше разурнато од земјотрес со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала). Под урнатините животот го загубија 1.070 негови граѓани, беа повредени над 4.000 граѓани. Повеќе од 90 отсто од зградите во градот беа урнати и над 20.000 граѓани оставени без покрив над главата.
По земјотресот градот почна да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица, денес е музеј на градот Скопје и симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Првата помош за граѓаните на Скопје дојде од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започна да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации во светот испратија некаква помош во Скопје и помогнаа тој да се изгради повторно, и поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.


Култура

Скопје пулсира во ритамот на културата. Овде се наоѓаат најважните национални установи:
Соборен храм „Св. Климент Охридски“ – најголем соборен храм на Македонската православна црква.
Православната црква „Св. Спас“, во дворот на која се наоѓа гробот на Гоце Делчев.
Музеј на македонската борба.
Плоштад Македонија со споменикот на Александар Македонски.
Меморијалната куќа на Мајка Тереза.
Македонската Опера и Балет.
Националната и Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски”.
Музејот на современа уметност.
МАНУ – Македонската академија на науките и уметностите.
Камениот мост.
Скопското Кале.
Старата скопска чаршија.
Милениумскиот крст на Водно.


Значајни настани

Скопско Лето – меѓународен фестивал на музика, театар и уметност.
Баскерфест – улична магија, музика и перформанси.
Синедејс – урбан филмски фестивал.
Џез фестивал Скопје – со светски познати музичари.
Ноќ на музеите и други културни манифестации.


Храна

Храната во Скопје е одраз на балканската душа и ориенталното наследство: тавче-гравче, ќебапи од Чаршија, турли тава, македонски ајвар и симит-погача.


Спорт

Скопје е спортски центар на Македонија. Тука се наоѓаат Националната Арена „Тоше Проески“, СЦ „Јане Сандански“ и СЦ „Борис Трајковски“.
ФК Вардар – 11 титули првак на Македонија, 5 национални купа.
ФК Работнички – долгогодишна традиција и развој на млади таленти.
РК Вардар – европски шампион (2017, 2019).
ЖРК Вардар – три финалиња во Лигата на шампионите.
МЗТ Скопје – 8 титули првак на Македонија, настапи во АБА лига.
КК Работнички – најтрофејниот клуб во македонската кошарка.