Валандово

ГРАДОТ НА СМОКВАТА, ЉУБОВТА И НЕПОКОРНИОТ ДУХ

Валандово,град во југоисточниот дел на Република Македонија. Градот се наоѓа на 170 метри надморска височина и претставува една од најниските котлини во Македонија. Според пописот на населението од 2021 година, во градот има 3,671 жители.


ИСТОРИЈА

Валандово не е само мало гратче на југот на Македонија, тоа е жив доказ дека културата, духот и истрајноста на еден народ може да пркоси на времето. Археолошките локалитети како Исар – Марвинци сведочат за живот уште од антиката, кога овој регион бил дел од важни балкански и медитерански трговски патишта. Валандовчани отсекогаш биле чувари на земјата, јазикот и традицијата,борци за слобода, но и нежни љубители на уметноста, музиката и природата.

Античка историја

На просторот на денешно Валандово во античко време сведочат откриените римски мозаици и други археолошки материјали во разните делови на градот. На подрачјето на Општина Валандово биле откриени четириесет археолошки наоѓалишта, меѓу кои позначаен е античкиот град Исарот, кај селото Марвинци, кој се идентификува со древниот град Идомена чие потекло било од крајот на 5 век п.н.е. и се наоѓал на патот Солун – Белград. Градот доживеал процут во римско време, но во почетокот на 6 век бил разурнат од силен земјотрес.

Средновековна историја

Словените се населиле во Валандово и во неговата околина кон крајот на 6 век или во почетокот на 7 век. Тогаш биле забележани големи промени, како во однос на структурата на населението, така и во менувањето на топонимите на населените места. Во писмените извори градот првпат се споменува во 10 век со името Валандер.

Османлиски период

Во втората половина на 17 век, градот го посетил и познатиот турски патописец Евлија Челебија. Во неговите белешки за Валандово, меѓу другото запишал: „В’ландова, е мало гратче, населено повеќето со христијани и само мал број муслимани. Населбата го носи името на неговиот основач Валандова, кој го подигнал манастирот „Свети Ѓорѓи.“ Гратчето има 150 куќи, со 900 жители, а чаршијата е составена од 50 дуќани.

Современа историја

Валандово во својата многувековна историја имало многу падови и подеми. Градот повеќепати настрадал од природни катаклизми (земјотреси, пожари, поплави, епидемии и сл.) како и од воени дејствија на туѓите освојувачи на овој простор. Во историјата на градот Валандово мошне е значаен 19 век, кога благодарение на погодната местоположба достигнал голем развој. Според кажувањата, тогаш во градот била развиена трговијата. Се извезувало: добиток, кожи, пастрма, масло, волна, свила, калинки, грозје и други земјоделско-сточарски производи, и тоа претежно во Солун.


КУЛТУРА

Во Валандово културата не е само настан, таа е начин на живот. Од традиционалните песни и ора што се пренесуваат од генерација на генерација, до современиот израз на млади талентирани музичари и уметници, овој град е тло за креативност. Централен симбол е Фестивалот на народна музика Валандово, кој повеќе од три децении го слави автентичниот македонски звук и носи емоции на цела нација.

Фестивалот Фолк Фест Валандово за првпат бил одржан во 1985 година. Денеска, овој фестивал е еден од најпознатите фестивали на Балканот, на кој учествуваат фолк-пејачи од Македонија и Балканот.

Денот на градот – 5 мај, со културни манифестации, концерти и собири што ја одразуваат љубовта кон родното место.

Смокварска берба и традиционални панаѓури, каде локалната храна, музика и занаети го оживуваат духот на некогашните времиња.


ХРАНА

Валандово се гордее со својата медитеранска микроклима, што овозможува производство на највкусната смоква во Македонија. Тука се раѓаат и најсочното
грозје, модар домат, и маслинки. Традиционалната кујна е едноставна, но полна со љубов.

Домашна мусака, полнети тиквици, туршија,
Печен козјо месо со компири во фурна.
Сладко од смокви и локално вино.


СПОРТ

Спортскиот дух во Валандово е силен. ФК Победа Валандово е долгогодишен симбол на спортската традиција, каде младите фудбалери растат со љубов кон играта. Паралелно, се развиваат и кошарка, одбојка и боречки спортови, а природата нуди можности за велосипедизам, планинарење и рекреативни активности.

Валандово место топло, питомо, со раце полни плодови и срце полно љубов. Валандово и Македонија се прегратка што не старее, глас што не замолчува и светлина што не згаснува.