Интервју со Василија Петрова- гласот што ја разнежнува македонската душа

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp

1. Позната, малада, атрактивна, младата надеж на традиционалната македонска музика. Која е Василиа Петрова ? Од каде се нејзините корени и како и кога започнала да се бави со музика? 

 – Благодарам најпрвин за убавите зборови, а која е Василија – Василија е девојче, полно со позитивна енергија и глас што сака и чувствува душата на Македонската народна песна.

Сè започна сосема природно – пеев дома и на школски настапи, а потоа сама посакав да ме запишат на приватни часови за пеење. Со текот на времето почнав да настапувам на фестивали и натпревари, да освојувам награди и да се вложувам сè повеќе, и така до денес. Талентот за музика го добив од мајка ми, која има прекрасен глас и прва ја откри мојата музикалност. Се сеќавам на играчка-слонче што имав кога бев многу мала,пееше мелодија, а јас сум повторувала точно и било првиот знак дека имам музички талент.

Често се смееме и се сеќаваме и на тоа дека мајка ми им забранила на сите кои не пеат правилно да ми пејат кога ќе дојдеше некој на гости или седевме некаде,само таа можеше. Верувам дека и тоа има големо значење за мојот развој

Иако сум родена во Ќустендил, срцето  ме води кон Македонија. Тоа е нешто длабоко и искрено… коренот си е корен, а Кочанскиот е многу здрав. Таа врска ми дава сила и инспирација и со секоја песна ја пренесувам душата на Македонија, а музиката сама по себе кажува сè.

2. Твојот глас често се опишува како глас што „топи срца“. Што за тебе значи таа емоционална поврзаност со публиката?

  • Пејам од сета душа и знам дека публиката го осеќа. Навистина, најголема награда ми е тоа, а за мојот глас сум благодарна и секогаш се трудам да бидам своја!

3. Кој настап или момент досега ти оставил најдлабока емотивна трага и зошто? 

– Илјади емоции и спомени носам од секој настап, но ќе го спомнам моето учество во музичкото шоу „Нови и млади“, организирано од Златко Миладиноски и ИнТВ. Тоа беше период во кој почнав да зачекорувам посилно и похрабро, со поголема верба во себе и со јасна свест дека сум на вистинскиот пат.

4. Што чувствуваш кога настапуваш пред Македонци во дијаспората, кои преку музиката ја бараат врската со татковината?

  • Благодарна сум, прво, што често имам можност да сум кај нашите во дијаспората. Пејам и некогаш имам солзи во очите од среќа, а и од тага…Тие преку музуката ја бараат својата татковина, а јас преку песната ја носам душата на Македонија до нив.

5. Што те мотивира да продолжиш, дури и кога патот е тежок ? 

  • Ако кажам дека е лесно, би излажала. Нема лесен пат, ама кога нешто се сака искрено од срце, сè може да се постигне. Мое големо инспиративно светло е моето семејство, а Господ ми дава сила и насока.

6. На што работиш во моментов и што може публиката да очекува од тебе во блиска иднина? 

  • Со здравје, во месец март ќе може да слушнете и видите една од моите нови песни! Работам на неколку песни, дел народни, кои би сакала да ги заживеам, и дел ново творештво, надградено со посовремени ноти, но сепак во духот на македонскиот фолклор. Создавањето музика е тимска работа и ништо не оди така брзо како што би сакала јас. Треба да се вклопат коцките за да се дојде до добар финален производ.

7. За крај, што ни би препорачале на нас како македонски портал во Америка?

  • Навистина е прекрасно што постои нов македонски портал во Америка, кој ја поврзува нашата заедница и ја промовира културата! Ви посакувам многу успех, да бидете здрави и активни и да продолжите да носите светлина и инспирација на сите Македонци ширум светот!

 

Последни вести