Амбицијата е мојот вечен двигател – утринската програма на ТВ Алфа, мојот нов предизвик.

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp

Интервју со Викторија Петровска – новинар, водител и модератор

Во време кога јавниот збор е под постојан притисок, а довербата во медиумите се’ почесто се става на испит, новинарството станува професија што бара храброст, интегритет и лична одговорност.
Викторија Петровска е дел од новата генерација македонски новинари и водители кои не бегаат од тешките прашања, туку ги поставуваат јасно, аргументирано и со висока професионалност. Една од ретките на македонската меидумска сцена која почитува и негува македонски литературен јазик и правопис, со исклучителна дикција и прекрасен глас, кој многумина веќе и го препознавате.

Во ова интервју за FROMMK.COM, порталот што ги поврзува Македонците во Америка но и ширум светот, разговараме за новинарството и модераторството денес, личните предизвици, улогата на медиумите во креирањето на јавното мислење, но и за човечката страна зад камерата.
Кој е патот на Викторија Петровска, што ја мотивира да истрае и како ја гледа иднината, прашуваме во интервјуто подолу.

1. Која е Викторија Петровска?

Викторија Петровска е навидум сосема обична девојка, со големи соништа, зацртани цели и вечна амбиција како двигател во се’ што прави. Одговорна, по природа бунтовна, храбра, лојална и вечен трагач по правда.

2. Зошто токму новинарство, водителство и модераторство? Што беше пресудно за изборот на професијата, што ги поврзува трите гранки и каде Викторија се чувствува најсвоја?

Одговорот на ова прашање секогаш го врзувам со моите почетоци, а тие се некаде во основно образование кога почнувам активно да пишувам проза и поезија и да ми ги доверуваат скоро сите културни манифестации за модерирање. Уште тогаш знаев дека тоа ќе биде љубов за цел живот. И така и бидна! Барем досега, љубовта не поминува, амбицијата е иста, предизвиците различни. Па оттаму и првата слика за себе е онаа Викторија, со микрофонот, на бината, помеѓу публиката, секојдневно на настани и опкружена со многу луѓе.
Чинам дека тоа ми ја одреди професијата! Иако сум правник по диплома (магистер по Деловно право), она кое го работам денес, а тоа е најчесто водителство и модераторство сум вистинската јас!

3.Што те исполнува најмногу? Кое е твоето хоби покрај професијата и која е Викторија позади камерите?

Ако денес би требало да одберам што ме исполнува тоа најверојатно би бил дел од денот за раат кафе и книга со себеси, времето поминато со моите родители, кое, како одминуваат годините ми станува се’ побесценето, по некоја закачка со сестра ми, муабетите и патувањата со другарка ми Марија, моментите со моите драги луѓе. Не знам колку можам да говорам за хоби, со оглед дека слободното време ми е навистина огранично согласно работните обврски, но секогаш гледам да си најдам простор за вежбање во теретана ( оваа година работата си ја сфатив сериозно), обожавам да пешачам, да го качувам Водно, да сум што е можно повеќе во природа ( чинам дека ја потценивме моќта на природата), да прочитам што повеќе книги, да пишувам, да патувам… Никогаш не престанав да пишувам. Оние кои ме познаваат знаат дека имам објавено две книги – поезија, и верувам дека е време за нешто ново
да си ја пронајде светлината на денот. Викторија позади камерите – хм? Па истата, само двојно поенергична можеби (хаха). Емотивна (знам дека не изгледа тоа така), искрена, ранлива и голем другар.

4. Што за тебе значи новинарството поткрепено со одговорност кон јавноста во време на исклучително брз свет, брзи вести и социјални мрежи?

Новинарството за мене, особено денес, значи одговорност пред вистината и пред луѓето, па дури и во време кога светот трча побрзо од нас. Во ова навистина лудо време, каде информацијата се добива за секунда, останувам на тоа дека одговорното новинарство не е да се биде прв – туку да се биде точен, проверен и најважно од се’ чесен!

5. Како ја гледаш улогата на медиумите денес во Република Македонија, како критичарски настроени, гласот на граѓаните, или сосема нешто друго?

Улогата на медиумите денес во Македонија пред се’ ја гледам како комплексна и одговорна, но и како улога што постојано се наоѓа на некаква раскрсница. Во идеален контекст, медиумите треба да бидат и критички коректив на власта и автентичен глас на граѓаните, но ете, кај нас, реалноста често наметнува предизвици – од политички и економски притисоци, до трка по внимание и кликови. Верувам дека вистинската моќ на медиумите не е во сензационализмот туку во храброста да се поставуваат вистинските прашања и да се зборува
во интерес на јавноста, дури и кога тоа не е најпопуларно. Кога медиумите ќе станат мост помеѓу институциите и граѓаните, а не мегафон на нечии барања и желби, дури тогаш можеме да зборуваме за професионализам.

6.Како гледаш на положбата на македонските новинари во поврзувањето со дијаспората?

Како голема можност, но и недоволно искористен потенцијал. Дијаспората е навистина силен, жив и емотивно врзан дел од нашето општество, а новинарите имаат клучна улога да ја одржуваат таа врска жива, автентична и двонасочна. Сметам дека денешниот предизвик е во тоа да се создаваат приказни што ќе ги поврзат Македонците надвор од земјата со случувањата дома, но и да се слушне нивниот глас, нивните успеси, нивните проблеми и перспективи. Македонското новинарство може и треба да биде мост меѓу татковината и дијаспората – преку одговорно известување, почит кон рзличностите и желба за вмрежување.

7.Какво беше чувството да направиш твој прв самостоен ТВ проект?

Мешавина од возбуда, одговорност и лична сатисфакција. Авторската културно –забавна емисија ,,Од своја страна’’ и проектот ,,Скопје ми е дома’’ се најубавите искуства за мене во оваа професија. Процесот носи многу предизвици – од идеја, концепт и реализација, до секојдневна посветеност и верба дека публиката ќе го препознае проектот. На крајот, чувството е потврда дека кога работиш со страст, љубов и одговорност, проектот си ја пронаоѓа публиката.

8.Како балансираш помеѓу личниот живот и јавната улога и дали работата ти влијае врз твоите најблиски?

Јавната работа природно носи изложеност, динамика и одговорност, но за мене е многу важно да постои јасна граница каде завршува професионалното, а каде започнува личното.
Работата секако влијае врз најблиските – најчесто преку темпото, обврските и публиката. Најважно ми е моите да ми ја разбираат професијата и се’ што таа со себе
носи. Се трудам да бидам присутна и да не дозволам јавната улога целосно да ме дефинира и приватно. Поддршката, разбирањето и меѓусебната комуникација се клучни, затоа
што сепак зад секоја јавна улога стои човек со свои чувства, приоритети и
потреба за сопствен мир.

9. Важиш за една од најпрепознатливите и најзгодни телевизиски водителкиво Македонија. Во време кога јавните личности се почесто се дел од рекламни кампањи, дали добиваш понуди за рекламирање? Што прифаќаш да промовираш и кои се клучните принципи што мора да бидат исполнети за да застаниш зад нешто со своето име и кредибилитет?

Никогаш не прифаќам соработки и реклами кои не се поклопуваат со мојата личност и со она што сум јас. Тргнувам од моите вредности, па оттука ми е многу лесно да проценам дали сум или не за одредена рекламна соработка!

10. Дали може да ни откриеш кој е твојот следен проект?

Драго ми е што токму за Вашиот медиум, споделувам дека мојот следен предизвик е Утринската програма на Алфа Телевизија – Добро утро , секое утро. Ранобудници, од понеделник заедно ќе го пиеме утринското кафе, со убави и корисни содржини.

11. Заљубена ли е Викторија?

Сега и секогаш, амин! Хаха. Заљубена во убавиот живот, малите, ситни но за мене најзначајни работи на светот. Заљубена во работата, во возбудата која ја носи секој нов ден, во новите предизвици! Заљубена, среќна и многу благодарна!

12. Што би им порачала на македонците во Америка но и ширум светот?

Да си ја чуваат својата емотивна врска со корените, без разлика колку се физички далеку. Јазикот, културата, традицијата и чувството на припадност се она што не’ поврзува и не’ прави силни, каде и да сме! Истовремено би порачала да бидат горди амбасадори на Македонија-преку својата работа, делување и успешни приказни.

Ти благодариме драга Викторија за муабетот и исцрпните одговори.
Ти посакуваме успех на секое поле.

Ви благодарм јас Вам. Да сте ми живи и здрави. До некое наредно читање!

 

Последни вести