Со силна порака на надеж, солидарност и човечка одговорност, во ресторан „Везилка“ беше одржана донаторската вечер „Threads of Light“, со која официјално започна работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Настанот беше посветен на уметноста како универзален јазик на сеќавањето, болката и стремежот кон поправедно општество.
Целата редакција на FROMMK.COM изразува длабоко и искрено сочувство до семејството Кулакови, кое во неизмерна лична трагедија најде сила својот губиток да го претвори во јавна мисија што зборува за животот, одговорноста и општествената промена.
Донаторската вечер ги обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу заедничката идеја дека уметноста не е само естетика, туку и моќно средство за дијалог, сеќавање и општествена свест. Во рамки на настанот беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници од различни области, создавајќи симболична и емотивна мапа на современата креативна сцена.
Средствата собрани од вечерта ќе бидат наменети за програмите на Фондацијата, со фокус на психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и за стипендирање млади талентирани уметници кои немаат можност да ја реализираат својата креативност.
Посебен и силно емотивен момент беше изведбата на химната „Фросина“, во изведба на Александар Митевски и Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски, како достоинствена почит и јавен повик за паметење и промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“, основана од семејството на трагично починатата Фросина, има за цел да изгради долгорочна платформа за грижа, правда и општествена свесност, претворајќи ја личната болка во смислена јавна мисија.