Проштени поклади Прочка – традиција што обединува и кога сме илјадници километри далеку од вистинскиот дом

Прочка – празник на прошката, очистувањето и духовната обнова

Прочка, позната и како Велики или Проштени поклади, претставува еден од најзначајните празници во македонската духовна и народна традиција. Таа стои на границата меѓу зимскиот празничен циклус, од Бадник и Божик, преку Водици и Св. Трифун и пролетните празници што водат кон Велигден. Со овој ден започнува и големиот Велигденски пост седумнеделен период на воздржание, преиспитување и подготовка за Христовото воскресение.

Суштината на Прочка е прошката. Според христијанското учење, човек не може да влезе во постот со тежина во срцето. Затоа, на овој ден помладиот бара прошка од постариот, децата од родителите, кумовите од старите кумови, пријателите меѓусебно. Со поклонување и зборовите „Прости ми“, се воспоставува духовен мир, а одговорот „Простено да ти е“ ја потврдува подготвеноста за нов почеток. Во народната свест се верува дека и небото и земјата на овој ден се помируваат, симболика што дополнително ја нагласува потребата од човечка хармонија.

Но Прочка не е само црковен празник, таа е и жив спомен на древни, претхристијански пролетни обичаи. Огновите што се палат вечерта, маскираните поворки и карневалските игри сведочат за старите ритуали на очистување и прогонување на злото. Во повеќе градови и региони се палат големи обредни огнови, кои младите ги прескокнуваат со верување дека така се ослободуваат од болести, несреќи и гревови. Огнот станува симбол на прочистување и надеж за нов циклус.

Особено впечатливи се карневалските традиции во Струмица и Прилеп. Во Струмица, празнувањата се поврзани со т.н. тримерски обичаи, со маски, песни и колективна веселба што ја привлекува јавноста од земјата и странство. Во Прилеп, пак, автентичните маски, особено оние со мечки ја продолжуваат вековната традиција на еснафските и народните покладни свечености. И покрај современите влијанија, овие карневали ја задржуваат суштинската порака: преку смеа, маска и игра да се надмине стравот од непознатото и да се дочека пролетта со чист дух.

Еден од најрадосните семејни обичаи е амкањето, игра во која варено јајце, врзано со конец, се ниша над трпезата, а членовите на семејството се обидуваат да го фатат без раце. Иако разигран и весел, овој чин носи симболика на здравје, чистота и заедништво. По него следува богатата трпеза од млечни јадења, последна пред започнувањето на строгите пости.

Црковната традиција на овој ден го прави споменот на изгонувањето на Адам од Рајот, како поука дека непослушноста и неумереноста носат духовен пад. Токму затоа постот се сфаќа како лек за човековата природа, како пат кон обновување на изгубената благодат. Ако Адам преку неумереност ја загубил рајската состојба, човекот преку воздржание, покајание и смирение повторно се стреми кон духовна полнота. Четириесетдневниот пост, востановен од апостолската традиција, е повик на лична преобразба, не само телесна, туку пред сè духовна.

Понеделникот по Прочка е Чист понеделник , ден на симболично и буквално очистување. Се чистат домовите, се мијат садовите од мрсна храна и започнува нов, посветен ритам на живеење. Во минатото, првите денови од постот биле исполнети со строг воздржан живот, познат како „тримери“, кога верниците со особена побожност го започнувале подвигот.

Прочка, оттука, не е само ден на обред и традиција. Таа е мост меѓу старото и новото, меѓу народното и духовното, меѓу веселбата и тишината на постот. Во неа се спојуваат прошката и радоста, огнот и молитвата, карневалот и покајанието. Токму во таа сложена, но хармонична симбиоза се огледува нејзината трајна вредност во македонската културна и духовна меморија.

За многу години…

Последни вести