Изводи, потврди и здравствени документи од Македонија сега се достапни онлајн, без шалтери, чекање и хартија!
Се поголем број граѓани ја користат дигитализацијата на државните услуги, а таа носи конкретни придобивки и за македонската дијаспора. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека над 300 илјади граѓани користат Систем за единствена најава, додека повеќе од 240 илјади се активни корисници на Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk
Во споредба со 2024 година, кога Порталот броел околу 120 илјади корисници, денес бројот е двојно зголемен, а електронските услуги се зголемени за над 100 проценти. Овие бројки, според министерот, покажуваат дека граѓаните сакаат практични дигитални решенија што им заштедуваат време – особено оние кои живеат надвор од државата.
Андоновски нагласи дека хартиените услуги нема целосно да се укинат, но новите услуги намерно се воведуваат исклучиво онлајн, со цел граѓаните да се навикнат на дигиталниот пристап и полесно да ги користат државните сервиси.
Изводите од матичните книги на родени, венчани и умрени, како и потврдата за слободна брачна состојба, може да се добијат дигитално со неколку клика – значајно олеснување за македонските граѓани во САД и пошироко.
Дополнително, Фондот за здравствено осигурување воведе нови електронски услуги, меѓу кои потврди за здравствено осигурување, платени придонеси и исплатени надоместоци, достапни и за физички и за правни лица.