Среќна Нова…

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp

Влеговме во нова година. Што ни се случи во 2025-та. Трагедијата во Кочани ја дефинира целата година но и ги дефинира и многу години во иднина. И ќе помислиме дека лекции се научени но што се случува? Повредени во сообраќајки на булевар Партизански Одреди во Скопје, Повторно сообраќајни несреќи, со трагични последици, насекаде низ Македонија. Ве молам ако е ова лош сон нека ме разбуди некој.
Велат, паметен човек учи од туѓи грешки а будала од свои. Тогаш ние како држава тоа што не научивме ништо од минатото, што не прави тоа, што сме ние?
После Кочани на големо се зборуваше за тоа дека лекарите, кои дошле од други држави во Македонија да помогнат со повредените од пожарот во дискотеката, не можеле да се изначудат на тоа колку е лошо нашето здравство. Дали е навистина така не знам. Но знам дека сомнежот дека е тоа така навистина постои. Во најмала рака беше чудно кога се обзнани повикот за донација на ќебиња и пижами за потребите на клинички центар а за настраданите. Најголемиот клинички центар во државата да нема основни средства за болните. Мизерија.

И започна летото, пожари на сите страни. Случајно? Не знам, велат изгореното или малце изгореното дрво се сече без надокнада кон државата, а потоа се продава по поевтина цена?
Како и да е, јас лично наоѓам дека ми е нелогично во земја каде има чести шумски пожари летно време да нема центар за изгореници?
Заклучок, здравствениот систем е зрел за промена.

Да се вратиме во блиското минато. Она што се покажа во короната е дека ние како држава сме зависни од увозот на брашно, масло на јадење, млеко за пиење и многу други продукти. Дали се смени нешто? Дали проработи со полн капацитет единствениот погон за екстракција на масло од сончогледово семе во Македонија и ако не зошто е тоа така? Дали можеби нема доволно сончоглед кој се одгледува на нашите ниви. Дали се зголеми сточниот фонд?
Колку што знам јас во Македонија нема посериозен капацитет за производство на тестенини (шпагети, фиде и слично). Со сигурност знам дека кравјо и друго млеко се увезува од соседните земји. Ќе потсетам дека во деведесеттите години на минатиот век, се уништи системот на производство на шеќерна репка и се затвори единствениот производител на шеќер во државата. Сето ова се стратешки погрешни потези.
Јавно прашувам, има ли пилот во авионот? И да има стратегии за развој факт е дека истите се неуспешни. Искрено сум уморен од изговори исток не отпиша а запад не нẻ запишуе. Политичарите да си ги засукаат ракавите и да си ја завршат домашната задача. Кога ќе покажеме дека вредиме, запад сам ќе не запише (доколку уште го сакаме тоа).

Државата, владата, мора под итно да ги ревидира стратегиите за развој и унапредување на стопанството но и квалитетот на живот.
Од податоците достапни на интернет се гледа дека во македонските банки има депозити во висина од скоро 10 (десет) милијарди евра, Околу 6,45 милијарди евра физички лица а остатокот од правни лица. Од друга страна ние се задолжуваме преку разни кредитни линии од странство. Мора да се изнајде начин овие 10 милијарди евра да се вратат во стопанството и оплодат преку реални бизнис проекти.
Идејата е да се спојат стратегиите за развој (локален, регионален, државен) и погоре споменатите 10 милијарди евра. Како?
Еден од начините е да се започне со инфраструктурни па и претприемнички потфати од страна на локалните самоуправи и владата. На пример Откупен центар за раноградинарски култури во Струмица или Гевгелија, или изградба на брза пруга Куманово – Гевгелија и слично. За првиот случај (случаи) локалната самоуправа, регионот или владата би формирале правен субјект (фирма) а со продажба на удели од сопственоста на овој субјект би дошла до дел од средства потребни за изградба и отпочнување со работата. Ова е на еден начин приватно јавно партнерство.

Во вториот случај би се издавале државни обврзници кои државата би ги продавала а средствата наменски би се користеле за изградба на инфраструктурниот објект. Обврзниците би биле со ограничен рок, со релативно поволна камата, а со истите би можело да се тргува пред рокот на нивно доспевање.
Најбрз начин да се искористат дел од тие 10 милијарди евра е државата да започне со изградба на 3.000 државни станови на секаде низ државата. Цената на овие станови да биде загарантирана, не поголема од 1,000 евра за метар квадратен за Скопје, а за другите градови пониска. На овој начин директно ќе се влијае врз цената на станбениот простор. Ќе се покаже на дело борбата со урбаната мафија а и ќе се мотивираат младите да купат стан и да размислат да останат во државава.
Понатака, да се охрабруваат граѓаните да користат финансиски советници кои ќе ги советуваат инвеститорите (правни и физички лица) и ќе им ја олеснат комуникацијата со банките.
А зошто да не и да се издаваат на државни гаранции за изградба односно реализација на проекти. Гаранциите ќе бидат прифатливи како обезбедување во банките во Македонија и ќе бидат залог за кредити за изградба на стратегиски важни инвестиции.
Како држава со голема дијаспора треба да се најде начин да се мотивираат нашинците да инвестираат дома.
Да не биде дека само кудам, ќе го пофалам проектот за самовработување, поддршка од 10.000 евра за млади и невработени.

Еден од условите за подобар и побрз развој е државата да има квалитетни проекти кои ќе ги продава или ќе бара партнери за нивна реализација од приватниот сектори и во граѓаните на својата држава и секако дијаспората.
За да започне да се реализираат ваквите проекти мора јавната администрација да се професионализира, реформира и да преземе одговорност за пропустите во својата работа. Се разбира пред се треба да се смени сфаќањето дека јавната администрација е за партиските вработувања. Да се смени ставот дека јавната администрација му одговара на партискиот лидер а не на народот на Македонија.

Ајде да копаме малце подлабоко, односно да загребеме под површината. Вистина е дека нашата сила за промени како граѓани е на избори но после секои избори останува чувството дека сме биле излажани. Или како вели онаа народната, слезе Мурто, се качи Курто.
За да започне вистинската реформа треба првин да се реформираат партиите и тоа пред се големите партии во државава. Партиите треба да бидат места каде ќе се развиваат идеи и со конкретни дела (во парламентот, градските совети) ќе се подобрува животот на сите граѓани а не на само одреден број од нив. Политичките партии треба да престанат да бидат султан партии. Лидерите треба да сфатат дека и внатрепартиската демократија е добра. Дефинитивно, моделот на избори треба да се смени и да биде со отворени листи. Па ајде на избори да се види кој пратеник колку гласови вреди и колку е подржан и ценет во својата Општина и регион. Па колку вреди толку и ќе биде влијателен внатре во партијата.
И најдолгиот пат започнува со првиот чекор но нека биде направен тој чекор кон подоброто на сите.
М-р Раде Чоловиќ

Искажаните ставови во колумната се став и мислење на колумнистот и не го отсликува мислењето и ставот на редакцијата на FROMMK.COM

Преземањето, копирањето или неовластеното користење на авторски содржини (текстови) од оваа страница не е дозволено. Во случај на злоупотреба, ќе биде покрената соодветна правна постапка.

Последни вести