Колумна на Д-р сци. Сања Саздовска – Знаењето што се враќа дома!

Година што те менува — знаење што мора да се врати дома!

Најлесно беше да останам во Америка.

Најодговорно беше да се вратам дома.

Годината помината во Соединетите Американски Држави како Humphrey Hubert H. Fellow беше една од најинспиративните во мојот живот. Не само поради знаењето што го стекнав, туку поради јасноста што ја добив за улогата на науката, женското лидерство и јавната служба. Во средина каде што знаењето се вреднува, каде институциите инвестираат во превенција, во системи и во луѓе, сфаќаш дека науката не е само академска дисциплина. Таа е двигател на политики. Таа е основа на силни здравствени системи. Таа е доверба. Но најважната лекција што ја научив таму беше едноставна:знаењето има најголема вредност кога се враќа таму од каде што си тргнал.

Да се биде жена од мала европска земја во глобална академска и професионална средина значи да се носи со себе и сопствената реалност. Да се гледа Македонија од дистанца, но и со поголема јасност. Да се разбере колку потенцијал има во малите системи кога знаењето, интегритетот и визијата ќе се поврзат.Она што го научив за превенцијата, за лидерството, за управувањето со податоци и за градењето доверба во институциите не го доживувам како личен успех. Го доживувам како обврска. Обврска да се имплементира дома, во систем што има потреба од знаење, стабилност и долгорочна визија.

Враќањето во мала земја со големи предизвици не е секогаш најлесниот избор. Но токму таму знаењето има најголема вредност. Таму може директно да се претвори во политика, во програма, во подобар систем. Верувам дека оваа порака е важна и за нашата дијаспора. За сите што учат, работат и создаваат надвор од Македонија. Не секој мора физички да се врати за да придонесе. Но секој може да врати дел од знаењето, искуството и контактите. Македонија не бара сите да се вратат. Но има потреба знаењето да не остане засекогаш надвор.

Најголемиот капитал на една мала земја не е нејзината големина. Тоа е нејзиниот интелектуален потенцијал — луѓето што учат и работат низ светот. Да се биде жена во науката денес значи да се носи знаење, но и одговорност. Да се гради кариера, но и да се отвораат врати за тие што доаѓаат по нас. Да се покаже дека успехот не е само личен, туку и колективен.

Мојата година во САД беше година на учење, раст и визија. Но нејзината вистинска вредност започна во моментот кога се вратив дома. Затоа што знаењето што останува само личен успех — е достигнување. Но знаењето што се враќа и се споделува — станува промена.


Насловен доцент Д-р сци. Сања Саздовска
Хамфри Хуберт Алумни 2024/25
Државен Советник воМинистерство за здравство

Последни вести