Интервју со Дорис Ди: Гласот што расте со љубов кон татковината
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Со зрелост што ја надминува нејзината возраст и глас што носи емоција, идентитет и искреност, Дорис Ди се вбројува меѓу младите музички имиња што внимателно, но сигурно го трасираат својот пат на македонската сцена. Вкоренета во традицијата, а отворена кон современиот израз, таа преку музиката ја раскажува сопствената приказна – приказна за љубовта кон татковината, за соништата и за одговорноста да се носат вистинските вредности, каде и да се настапува. Во продолжение, Дорис Ди зборува искрено за своите почетоци, инспирацијата и визијата што ја води напред.
1.Која е Дорис Ди? Од каде потекнува и што те натера да се бавиш со музика?
Дорис Ди….. гостиварчанка, а живеам во Скопје и имам 16 години.
Основното училиште го завршив во ООУ Димитар Поп Георгиев – Беровски во Скопје, додека сега сум ученик во средното медицинско училиште СМУГС Панче Караѓозов во Скопје.
Љубовта кон музиката која ми се врежа уште од многу мали нозе (дури не се ни сеќавам на тие моменти, а да не се видеата кои ги имаме сочувано во нашата архива) е причината поради која јас почнав да се бавам со музика.
2. Како твоето детство и културно потекло те обликуваат како личност и како музичар и кои вредности од Македонија ги носиш секогаш со себе?
Потекнувам од патријархално семејство во кое задолжително се почитуваат културните и традиционални вредности на нашата земја кои воедно ми помогнаа да пораснам во личност каква што сум сега, достоинствено да ја претставувам Македонија на музичката сцена, како во неа така и надвор од нејзините граници.
3. Од кого го наследи овој талент, кои се твоите почетоци?
Искрено, во нашата фамилија како од страната на татко ми така и од страната на мајка ми немаме музички корени, односно неможам да кажам дека талентот сум го наследила од некого. Пофесионално со музика почнав да се бавам од мојата 10 годишна возраст започнувајчи го моето музичко образование во Академија Дурловски под менторство на големите Ана и Игор Дурловски.
Паралелно во 2021 година школувањето почнав да го надоградувам во Музичкото училиште Андријана Јаневска во Скопје.
Првиот мој натпревар беше на Интернационалниот фестивал Golden voice во Малта на кој учествував со песната ,,Tomorrow” од филмот Annie, а потоа следеа уште многу други натпревари на детски интернационални фестивали како што се Performer Cup во Италија, Voice of star во Хрватска, Waf contest vo Skopje и многу други…
Меѓутоа, мојот прв професионален настап беше во 2024 година на само 15 годишна возраст на македонскиот фестивал Охрид фест со моја авторска песна ,,Нека свети”. Воедно, на Охрид фест настапував и минатата година со дуетска песна ,,Ден и ноќ заедно”, а со мојот прв настап на јубилејното 40-то издание на Макфест 2025 година настапив со песната ,,Кога не ме сакаш” со која се пласирав во финалната вечер заедно со уште пет други учесници.
4. Кој ти е идол или омилен артист од домашната и странската естрада?
Од домашната естрада морам да го спомнам нашиот незаменлив Тоше, а да ја издвојам Калиопи која со нејзиниот продорен глас несомнено ја освојува естрадата, како во Македонија така и надвор од неа, додека за странската естрада ќе се одлучам за Adele и Beyonce.
5. Како го балансираш личното со јавното, твојата интимна емоција со очекувањата на публиката и медиумите?
Се трудам колку што можам мојот личен со јавен живот да го избалансирам согласно мојата возраст, додека кога станува збор за мојата емоција која ја прикажувам на сцена се трудам колку што можам таа да биде богата, искрена и добро извежбана за да би продрела подлабоко во публиката и секако до медиумите кои јавно ќе ја прераскажат мојата интерпретација и успех.
6. Во која мера македонската традиција и култура влијаат врз твоите музички избори и како публиката во дијаспората ги прима тие елементи?
Како медиумите и платформите за дијаспората, ти помагаат да ја пренесеш твојата порака и песна за да ја зацврстиш културната врска? Дали воопшто како музичар имаш поддршка од такви портали?
Многу. Не ретко избирам песни за манифестации на кои се очекува настап со наши етно песни кои со задоволство и како што погоре пишав достоинствено ги интерпретирам прикажувајќи ја нашата богата музичка архива. Меѓутоа, на прашањето како публиката и медиумите и платформите од дијаспората го прифаќаат мојот музички избор, не би можела да одговорам, со оглед дека сум музичар кој само што почна со својата кариера, поради што сеуште не сум доволно слушната и позната, како во Македонија така и надвор од неа. Се надевам дека мојот труд кој го вложувам, мојата љубов и желба кон музиката ќе ми помогне во блиска иднина да одговорам на ова прашање.
7. Како се мотивираш и одржуваш креативна инспирација во динамичниот медиумски свет, каде што очекувањата се секогаш високи?
Со оглед дека живееме во време каде што се повеќе станува славно и гледано неквалитетното, наспроти творештва со вистинска тежина, навистина е тешко да се пробиеш во овој динамичен медиумски свет. Секако дека сеуште постојат мотивирачки и креативни инспирации кои ми помагаат во моето таканаречено творештво, сепак патот е многу тежок и макотрпен.
8. Како ги гледаш твоите уметнички и професионални цели за следните 5 до 10 години и каков вид на наследство сакаш да оставиш во музиката?
Се надевам, со Господ напред, ако со ова темпо со кое одам и работам сега, за 5 до 10 години ќе се најдам на мои концертни сцени како во Македонија така и надвор од неа, а на прашањето каков вид на музичко наследство сакам да оставам би рекла дека времето ќе покаже, односно по кој патоказ ќе не води модерниот свет, воедно задржувајќи ги нашите македонски музички вредности.
9. Што би им кажала на Македонците во Америка но и ширум светот? Каква порака би им испратила за да останат поврзани со своите корени, да ја следат својата страст и да се гордеат со тоа што се Македонци?
Мојата порака е да не го забораваат јазикот и културата, да се гордеат со своето потекло и да веруваат во своите соништа. Каде и да се, нека ја носат Македонија во срцето и кога би имала можност повторно да се родам, повторно би ја избрала Македонија, затоа што моите корени и мојата душа се во неа.
Гордост што сум Македонка е нешто што никогаш не би го сменила
Воедно, сакав да го најавам мојот нов музички проект односно песна посветена на нашата земја и на луѓето кои се иселија од неа ширум светот, барајќи подобри услови за живот и се надевам дека ќе биде убаво прифатена и ќе продре длабоко во нивните срца!Ти благодариме за интервјуто драга наша Дорис, целиот тим на порталот FROMMK.COM ти посакува успешна и блескава кариера.
We use cookies to ensure that we give you the best experience on our website. If you continue to use this site we will assume that you are happy with it.