Живанка Морис: Левица и СДСМ се обединија против гласот на дијаспората

Кога дијаспората беше добра само за фотографија, протести или донации

Последниве денови гледаме нешто што одамна се насетуваше. Димитар Апасиев и Венко Филипче денес без проблем стојат на иста страна кога треба да се блокираат измени на Изборниот законик и реформи што се однесуваат и на македонската дијаспора.

Некој ќе рече: „Политика.“

Јас ќе кажам вака: веќе го имам гледано ова одвнатре.

Бев координатор на Левица Дијаспора. Влегов со идеи, програма и желба конечно некој да ги отвори вистинските прашања на Македонците кои живеат надвор од државата. Верував дека дијаспората ќе биде партнер, а не декор.

Но многу брзо сфатив дека интересот за дијаспората траеше само кога требаше да се полнат протести, да се организираат настани или да се обезбеди финансиска поддршка.

Тогаш бевме важни.

Кога дојде време да се разговара за реалните проблеми, како што се правото на глас, организацијата, застапеноста и конкретните политики, разговорите секогаш завршуваа со истата реченица:

„Да, да… ќе видиме во Собрание што можеме. Само двајца сме.“

Се сеќавам и на таканаречениот „Отворен Президиум“. Дојдов подготвена, со план, идеи и прашања од луѓето од дијаспората. Одговорот беше дека денот бил долг и дека тоа ќе остане за другпат. Но, интересно, време имаше да се разговара за донации.

И тогаш сфатив што е приоритет.

За време на протестите против Францускиот предлог, дијаспората беше возвишувана како национална сила. Истото се случуваше и околу Пленумот, на кој гости беа ирските европратеници Clare Daly и Mick Wallace. Тогаш дијаспората беше добредојдена како поддршка и симбол.

Но кога требаше системски да се отвори прашањето за нејзиниот глас, ентузијазмот исчезнуваше. Дури и лично ми беше кажано: „Ќе те дадам на дисциплинска затоа што не си ми организирала шетање по дијаспората.“

Тогаш разбрав дека не се бара претставник на дијаспората. Се бара организатор.

Денес, кога Левица и СДСМ се наоѓаат на иста страна околу прашањата што директно ја засегаат дијаспората, мене тоа не ме изненадува.

Напротив, политичките разлики чудесно исчезнуваат кога треба да се зачуваат партиските позиции.

А интересот на граѓаните повторно останува на второ место.

Македонската дијаспора не смее да биде сезонски патриотизам. Не смее да биде важна само кога треба да протестира, да донира или да полни сали.

Иронично, нели?

Години наназад Левица се претставуваше како најголемата алтернатива на СДСМ. Денес, кога се отвори прашањето за правото на глас на македонската дијаспора и реформите, токму таму ги најдоа заедничките позиции.

Толку за „различноста“.

Вистината е едноставна.

Не се плашат тие од еден закон.

Се плашат од гласот на Македонците што не можат повеќе да ги убедуваат со пароли.

Затоа денес Левица и СДСМ не стојат на спротивни страни.

Стојат на иста страна од барикадата.

А од другата страна остана македонската дијаспора.

Живанка Морис е општествен активист и публицист, препознатлива по своите ставови за зајакнување на врските меѓу Македонија и дијаспората. Како поранешна координаторка на Левица – Дијаспора, денес критички ги анализира политичките процеси и се залага за политики што ќе обезбедат поголема застапеност, достоинство и право на глас на Македонците кои живеат надвор од татковината.

Последни вести