Тодор Коневски избран за нов претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Тодор Коневски ќе ја предводи Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ

Со одлука на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а по предлог на претседателот на партијата, проф. д-р Христијан Мицкоски, Тодор Коневски е избран за нов претседател на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ.

По изборот, Коневски упати благодарност за укажаната доверба, истакнувајќи дека за него претставува чест и голема одговорност да ја предводи најголемата младинска политичка организација во Македонија.

„Благодарам на претседателот Христијан Мицкоски и на Извршниот комитет за довербата и можноста да ја водам организацијата која со години е двигател на младинската енергија и силата на нашата партија“, порача Коневски.

Во своето обраќање тој потсети дека неговиот ангажман во Унијата на млади сили започнал во 2016 година, нагласувајќи дека низ годините секој предизвик бил мотив за работа, а секоја обврска можност за докажување и напредок.

Коневски изрази благодарност и до досегашниот претседател на УМС, Сергеј Попов, оценувајќи дека организацијата ја водел во едни од најпредизвикувачките периоди за државата и партијата, оставајќи стабилна, добро организирана и силна младинска структура.

Тој им се заблагодари и на сите поранешни претседатели, членови и активисти на Унијата на млади сили, истакнувајќи дека нивниот труд и посветеност се темелот врз кој ќе продолжи понатамошниот развој на организацијата.

Новиот претседател најави дека УМС ќе продолжи да работи со уште поголема енергија, организација и присутност на терен, со цел дополнително да ја зајакне улогата на младите во политичките процеси и во рамките на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе бидеме уште поприсутни, уште поорганизирани и уште поодлучни во секој сегмент од нашето делување. Унијата на млади сили продолжува да биде двигател на младинската политика и силен столб на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Коневски.

По неговиот избор пристигнаа бројни честитки од партиски функционери, соработници и членови на УМС. Меѓу нив беше и пораката дека неговиот досегашен ангажман во YEPP (Youth of the European People’s Party), како и довербата што ја доби од партиското раководство, претставуваат признание за неговата посветеност, лидерски капацитет и работа со младите.

Изборот на Тодор Коневски за претседател на Унијата на млади сили претставува дел од кадровските одлуки на ВМРО-ДПМНЕ насочени кон понатамошно зајакнување на младинската организација и нејзината улога во идните политички процеси.

Последни вести