Мицкоски го соопшти новиот Извршен комитет: Ковачки нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, вечерва по завршувањето на седницата на Централниот комитет на партијата го соопшти новиот состав на Извршниот комитет, информирајќи дека за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е избран пратеникот Драган Ковачки.

Во изјава за медиумите, Мицкоски истакна дека Централниот комитет донел одлука за избор на нов Извршен комитет кој, како што нагласи, претставува спој на искуството од досегашните партиски структури и нови кадровски решенија, со цел формирање поефикасно и посилно раководство.

„Овие одлуки се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици. Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета организација која ќе понуди конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Според него, во новиот состав на Извршниот комитет, покрај генералниот секретар Драган Ковачки, за членови се избрани: Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска, Тимчо Муцунски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Рашела Мизхархи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николоски.

Мицкоски додаде дека, согласно Статутот на партијата, во работата на Извршниот комитет ќе се вклучат и новоизбраните претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани.

Дополнително, информираше дека за организационен секретар е избран Ивица Томовски, кој останува и иден директор на Централниот штаб на партијата, додека за шеф на неговиот кабинет е назначен Владимир Неловски.

На крајот, Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со активности насочени кон зајакнување на внатрешната организација, зголемување на транспарентноста и унапредување на инклузивноста во процесите на одлучување. Во наредниот период се очекува и избор на претседатели на општинските комитети, како и избор на нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани.

Последни вести