Силен земјотрес почувствуван во Македонија – епицентарот во близина на Призрен

Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp

Земјотрес со значителна јачина вечерва беше почувствуван во Скопје и повеќе градови низ земјава. Потресот се случи во 22:05 часот, а според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), неговата магнитуда изнесувала 4,9 степени според Рихтеровата скала.

Според првичните информации, епицентарот бил лоциран во реонот на Призрен, на границата меѓу Косово и Македонија. Земјотресот бил на релативно мала длабочина од околу пет километри, што придонело потресот поинтензивно да се почувствува во поширокиот регион.

Телеметриската сеизмолошка мрежа при Сеизмолошката опсерваторија на Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека регистрираната локална магнитуда изнесува ML 4.6, а епицентарот потекнува од територијата на Косово, приближно 45 километри северозападно од главниот град.

Според досегашните податоци, најсилно бил почувствуван во Тетово, Гостивар и нивната околина, со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала. Во Скопје потресот достигнал интензитет од IV до V степени, додека во останатите делови од државата бил почувствуван со интензитет меѓу III и IV степени.

Засега нема информации за евентуални материјални штети или повредени лица.

Последни вести