Цветници – празник што ја најавува Страсната седмица!

Празникот Цветници, познат и како Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим, претставува еден од најзначајните денови во христијанската традиција, кој се одбележува во неделата пред Велигден. Овој празник има длабоко духовно значење и ја најавува Страсната седмица – периодот на страдањата, распнувањето и воскресението на Христос.

Цветници го симболизира свечениот влез на Исус Христос во Ерусалим, кога народот го пречекал со цвеќиња. Овој чин претставува израз на почит и надеж, но воедно и најава за драматичните настани што следуваат.

Празникот Цветници е и празник на природата, на будењето и пролетта. Во народната традиција, овој ден е поврзан со цвеќиња, младост и убавина. Девојките плетат венчиња од свежо цвеќе, кои се сметаат за симбол на здравје, љубов и благосостојба. Во многу краишта, постојат обичаи поврзани со берење на пролетни билки и нивно чување во домот како заштита и благослов.

Цветници се празнуваат со света литургија, на која верниците присуствуваат во голем број. Иако се наоѓа во време на Велигденскиот пост, на овој ден е дозволено консумирање на риба, што му дава посебна радост и свеченост.

Со својата симболика, Цветници не потсетуваа на значењето на верата, надежта и смирението. Тоа е празник кој ги обединува духовното и природното, потсетувајќи дека секое страдање носи нов почеток, а секоја жртва – воскресение!

Последни вести