Деновиве, по прочитаната колумна на мој близок пријател и сопартиец, мислам дека е време да се кажат збор-два за нашите браќа Македонци со исламска вероисповед. И оваа тема еднаш засекогаш да ја затвориме.
Македонците со исламска вероисповед се нераскинлив дел од Македонија и од македонското национално јадро!
Оваа колумна не ја пишувам како човек кој вчера открил политика, кој вчера дошол во ВМРО-ДПМНЕ или вчера научил што е Македонија. Ја пишувам како човек кој е дел од втората генерација на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како човек кој потекнува од ВМРО-вска фамилија и како син на мојот покоен татко, кој беше еден од основачите на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Ги поминав сите скалила во УМС. Од млад човек кој стоеше зад своите ставови, до човек кој денес тие исти ставови ги носи со себе и надвор од Македонија. Затоа денес, илјадници километри подалеку, во Америка, во Чикаго, повторно ја носам Македонија со себе.
Овој вовед го пишувам и како човек кој потекнува од Дебар, кој растел и кој има многу пријатели Македонци со исламска вероисповед, луѓе кои секогаш стоеле рамо до рамо со мене, дали било за нашите национални интереси или биле партиски настани. Зошто ги комбинирам партиските и државните настани? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ е последниот браник на Македонија и ако не е ВМРО-ДПМНЕ нема да ја има и Македонија!
Македонците муслимани се нераскинлив дел од македонскиот идентитет, кога зборуваме за Македонија, мора да научиме да правиме јасна разлика меѓу националноста и вероисповедта. Верата е лична и духовна определба, додека припадноста кон еден народ е историска, културна, јазична и национална категорија. Токму затоа, Македонците со исламска вероисповед не се „други“ Македонци, туку нераскинлив дел од македонскиот народ. Тие со генерации го зборуваат македонскиот јазик, ја живеат македонската култура, ги чуваат семејните и локалните традиции и, како и секој друг Македонец, ја носат Македонија во своето срце.
Македонскиот идентитет никогаш не бил, ниту смее да биде, ограничен единствено на верската припадност. Историјата, особено во најтешките моменти, најдобро покажува кој стоел зад својата земја. Во 2001 година, кога Македонија се соочуваше со вооружен конфликт, многу Македонци со исламска вероисповед од западните делови на земјата посебно од Дебарскиот и Реканскиот крај доброволно се пријавуваа, ги пополнуваа касарните и караулите и го земаа оружјето за одбрана на државата. Тоа не е анегдота од минатото, туку дел од сведоштвото за нивната припадност, лојалност и љубов кон Македонија. Затоа е неправедно и историски површно патриотизмот да се мери според тоа на која верска заедница припаѓа еден човек.
Патриотизмот нема вероисповед. Тој се гледа во делата, во жртвата, во одговорноста и во подготвеноста да се застане зад својата татковина кога е најтешко. Од Дебарскиорт и Реканскиот крај и целиот западен дел на Македонија, па се до секој македонски дом низ светот, постојат луѓе за кои Македонија не е само географија. Таа е јазик, спомен, корен, и семејство. Чувство на припадност. И токму затоа, кога зборуваме за Македонците муслимани, треба да зборуваме со почит, а не со сомнеж. Со историска свест, а не со предрасуди.
Македонија е цела само кога ги признава и ги почитува сите свои синови и ќерки кои ја чувствуваат како своја. Не треба да се делиме според тоа како се молиме, туку да се препознаеме според она што не обединува. Една земја. Еден народ. Еден јазик. Една Македонија. А за сите оние што се уште се прашуваат дали Македонец со исламска вероисповед може да биде добар македонски патриот ,одговорот не треба да го бараат во теоријата, туку во историјата и во делата на луѓето.
Тука сметам дека ВМРО-ДПМНЕ има историска можност, но и обврска, да продолжи со политиката на отворање простор, давање шанса и создавање кадри меѓу Македонците муслимани. ВМРО-ДПМНЕ низ годините покажа дека во своите редови има место за Македонци муслимани, дека можат да добијат одговорност, шанса и простор да придонесуваат за државата и за Организацијата. И така треба да остане. Не само денес, не само во време на избори, туку и утре, и задутре. Затоа што националната политика не се гради со една изјава или една фотографија, туку со години на работа, доверба и создавање генерации кои ќе знаат дека Македонија е нивна татковина. Македонецот со исламска вероисповед не треба да биде гостин во сопствената национална приказна. Не треба да биде нечија „исклучок“. Не треба да биде нечија „категорија“. Тој е дел од приказната. Од истата приказна. Од истото македонско национално јадро.
И јас, како Македонец православен како Дебранин личност кој пораснал со тие луѓе и како човек кој денес Македонија ја носи со себе во Америка, немам дилема околу тоа. Ниту треба да има. Нашата сила не е во тоа сите да бидеме исти. Нашата сила е во тоа што, и покрај различностите, можеме да бидеме обединети околу една татковина, еден јазик, едно име и една заедничка иднина.
Затоа, еднаш засекогаш, да биде јасно: Македонецот е Македонец. Без фуснота. Без услов. Без дополнително докажување. Без разлика каде живее и без разлика во која вера се моли. Македонија е наша заедничка татковина. А македонското национално јадро е посилно тогаш кога сите негови делови стојат заедно. Една Македонија, еден народ, едно национално јадро, една мака, еден копнеж, еден дом и дна иднина. За Македонија. За македонството! За сите идни генерации кои треба да растат во Македонија во која никој нема да биде прашан дали е „доволно“ Македонец.

Колумнист: Блаже Стрезоски
НАПОМЕНА: Преземањето, копирањето или неовластеното користење на авторски содржини (текстови и слики) од оваа страница не е дозволено. Во случај на злоупотреба, ќе биде покрената соодветна правна постапка