„Домче“ – новата надеж за македонските семејства во дијаспората, за ниту едно дете мајчиниот јазик да не стане странски!

Во време кога сè повеќе македонски семејства го градат својот живот надвор од татковината, зачувувањето на мајчиниот јазик, традицијата и националниот идентитет станува еден од најголемите предизвици. Токму од таа потреба се роди „Домче“ – првата македонска дигитална платформа создадена специјално за децата од дијаспората, која преку игра, интерактивни содржини и современ пристап им овозможува да го учат македонскиот јазик, истовремено запознавајќи ја богатата култура, историја и традиција на Македонија.

„Домче“ е еден од стартапите кои произлегоа од третата инкубаторска програма #ИмамИдеја3, реализирана од Startup Club Skopje, каде што идејата доби професионална поддршка и прерасна во функционален производ кој денес веќе го користат стотици македонски семејства ширум светот.

Зад платформата стои тим предводен од Андријана Алексовска, кој успеа да создаде нешто многу повеќе од обична образовна апликација. „Домче“ претставува чувство на дом, дигитално место каде што децата, без притисок, преку игра, приказни, гатанки, сложувалки и бројни интерактивни активности, природно ја градат својата врска со Македонија. Филозофијата на платформата е едноставна , учењето не треба да биде обврска, туку радост и чувство на припадност.

Особено значајно е што содржините се приспособуваат според возраста, познавањето на македонскиот јазик и кирилицата, овозможувајќи секое дете да учи со свое темпо. Наместо оценки и казни, „Домче“ го охрабрува секој обид, градејќи самодоверба и љубов кон мајчиниот јазик уште од најрана возраст.

За македонската дијаспора оваа иницијатива има далеку поголемо значење од една апликација. Таа претставува нов модел на зачувување на националниот идентитет преку технологијата – нешто што со години недостасуваше на Македонците ширум светот.

Токму затоа, FROMMK.COM, како најголемиот македонски информативен портал во САД посветен на дијаспората, со особено внимание го следи развојот на „Домче“. Двете иницијативи имаат заедничка мисија  a тоа е  да ги поврзат Македонците ширум светот со нивната татковина, да го негуваат македонскиот јазик, културата, традициите и чувството на припадност кај новите генерации.

Во наредниот период постојат сериозни можности оваа заедничка визија да прерасне во официјална соработка помеѓу FROMMK.COM и „Домче“, преку која македонските семејства во Америка, Канада, Австралија и Европа би добиле уште поголем пристап до квалитетни образовни, информативни и културни содржини. Иако разговорите се во почетна фаза, потенцијалната соработка претставува логичен чекор кон создавање силна платформа која ќе ги обедини македонските семејства, без разлика на тоа каде живеат.

Доколку ова партнерство се реализира, тоа ќе претставува значаен исчекор во дигиталното поврзување на македонската дијаспора, обединувајќи две современи македонски иницијативи кои ја делат истата цел. Македонија да остане дел од секој дом, без разлика на географската оддалеченост.

FROMMK.COM ќе продолжи да ги следи успешните приказни на младите македонски претприемачи и иновативни проекти како „Домче“, кои покажуваат дека со знаење, визија и љубов кон татковината може да се создадат решенија што оставаат трајна вредност за целата македонска заедница ширум светот.

Последни вести