Македонската дијаспора со децении претставува еден од најсилните столбови на македонската држава. Нашинците ширум светот никогаш не ја заборавија својата татковина. Тие инвестираат, ги помагаат своите семејства, ја промовираат Македонија, го чуваат македонскиот јазик, традицијата и националниот идентитет и остануваат нераскинлив дел од македонската приказна.
Иако живееме илјадници километри далеку, Македонија е нашиот дом. Нашите срца чукаат за татковината, а нашата најголема желба е еден ден да видиме уште повеќе Македонци да се вратат, да инвестираат и да ја градат својата иднина дома. Затоа државата мора да гради мостови кон дијаспората, а не бариери.
Токму затоа, секој обид да се ограничи или одложи учеството на дијаспората во изборниот процес испраќа погрешна порака до стотиците илјади Македонци кои живеат надвор од државата.
Последните случувања во Собранието, каде според владејачкото мнозинство илјадниците поднесени амандмани го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик и можноста за електронско гласање на дијаспората, предизвикаа разочарување кај многу наши иселеници. Наместо конструктивен дијалог, сведочиме на филибастеринг и политички блокади кои не носат решение, туку дополнително ги оддалечуваат Македонците од нивната татковина.
Особено загрижува фактот што токму прашањето за правото на глас на дијаспората станува предмет на политички пресметки. Македонците во странство не смеат да бидат жртва на дневнополитички интереси. Демократијата значи секој граѓанин да има право да го даде својот глас, без разлика дали живее во Скопје, Битола, Охрид, Дебар Чикаго, Њујорк, Торонто, Сиднеј или Мелбурн.
FROMMK.COM како медиум создаден од дијаспората и посветен на Македонците ширум светот, ја поздравува определбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да отвори процес за модернизација на изборното законодавство и да овозможи поголемо учество на дијаспората во демократските процеси. Веруваме дека ова е чекор кон посилна поврзаност меѓу Македонија и нејзините иселеници.
Дијаспората не бара привилегии. Таа бара еднакви права и достоинствен третман. Македонците кои живеат надвор од државата не се граѓани од втор ред, тие се нераскинлив дел од македонската нација и заслужуваат нивниот глас да биде слушнат.
Затоа ги повикуваме сите политички чинители да покажат државничка зрелост, да ги надминат политичките блокади и да овозможат конечно да се донесат решенија кои ќе ја приближат дијаспората до Македонија. Наместо ѕидови, потребно е да градиме мостови – мостови што ќе го олеснат враќањето на нашите иселеници, нивните инвестиции, нивното знаење и нивното активно учество во развојот на татковината.
Македонија не завршува на своите граници. Македонија живее и во својата дијаспора. А гласот на дијаспората не смее никогаш да биде блокиран!