Младата македонска пејачка Дорис Ди (17) продолжува да го гради својот музички пат, бележејќи нови настапи, искуства и успеси. По фестивалските учества и награди, таа покажува сe’ поголема сигурност и самодоверба на сцената, а нејзиниот последен настап на годинешниот „Макфест“ донесе една позрела и посамоуверена изведба.

Како што истакнува Дорис, најголем придонес за нејзиниот напредок имаат бројните настапи, посветените подготовки и поддршката од луѓето околу неа. Особено значајно искуство за нејзиниот музички развој било учеството во караванот „Силно светнал ден“, каде што како најмлада учесничка настапувала заедно со искусни македонски естрадни уметници.
Покрај сценските активности, Дорис ја претставува и својата нова музичка видео-приказна за песната „Не, не, не“, со која настапи на „Макфест“. Видеоспотот е реализиран во студиото Pro Light, под режисерска реализација на Дарко Јовановски – Даре Дете. Автор на композицијата е Адријана Јаневска, која воедно е и нејзина професорка по соло пеење.
И покрај динамичните музички активности, младата пејачка успешно ги усогласува сценските обврски со образованието. Таа е ученичка во Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, каде што, како што посочува, постигнува одличен успех.

Дорис Ди не сака да го дефинира својот музички правец однапред, туку верува дека тој природно ќе се изгради преку љубовта кон музиката, посветеноста и континуираната работа.
Нејзините досегашни чекори покажуваат дека музичкиот пат го гради постепено, со нови искуства, поддршка и желба за понатамошен напредок, а ние како портал во Америка силно веруваме дека Дорис Ди е новата македонска музичка ѕвезда