Со гласот на Дорис Ди поблиску до татковината: новата изведба на „Земјо моја“ како порака до дијаспората!

Новата интерпретација на безвременската песна „Земјо моја“, во изведба на Дорис Ди, претставува внимателно осмислен музички проект што ги поврзува минатото и сегашноста, носталгијата и современиот израз, но и татковината и дијаспората.

Станува збор за препев на легендарната „Земљо моја“, композиција што во 1975 година ја изведоа Исмета Крвавац и групата „Амбасадори“ на тогаш исклучително популарната манифестација „Вашиот шлагер на сезоната“. Автор на музиката е еден од најзначајните кантавтори на овие простори, Кемал Монтено,  име кое остави длабока трага во музичката историја на Балканот.

Во македонската верзија, стиховите се дело на Огнен Неделковски, кој со чувствителност и почит кон оригиналот успева да создаде текст што звучи автентично, блиско и длабоко емотивно за македонската публика. За аранжманот се погрижи Николче Мицевски, кој и даде современа звучна димензија, задржувајќи ја препознатливата душа на песната.

Приказната зад оваа преработка носи посебна тежина и искреност. Идејата потекнува од таткото на Дорис, кој уште пред две години и ја предложил како можен проект. Во тој момент, како што самата таа сведочи, песната и изгледала како прекрасен, но речиси недостижен предизвик, особено поради фактот што станува збор за дело на легендарниот Кемал Монтено, а по неговата смрт во 2015 година, авторските права преминуваат во рацете на неговото семејство, кое живее надвор од границите на државата.

Сепак, како што често се случува со искрените идеи, околностите се наредија во вистински момент. Во еден разговор помеѓу нејзиниот татко и текстописецот Огнен Неделковски, темата природно се насочила кон преработки на стари песни. Тогаш Неделковски открил дека токму за „Земјо моја“ веќе има напишано текст уште пред неколку години. Тој момент претставувал пресвртница или почеток на реализацијата на еден проект што долго време постоел само како желба.

„Не велат залудно дека кога нешто искрено ќе се посака, Универзумот го наоѓа а Господ Бог го трасира патот,“ вели Дорис, опишувајќи го процесот кој од идеја прерасна во музичка реалност.

Но, оваа песна денес носи и уште подлабока симболика. Иако е создадена и испеана во Република Македонија, нејзината порака силно одекнува и меѓу македонската дијаспора ширум светот,  од Америка, Канада, Австралија, па се до европските метрополи. За оние кои живеат далеку од татковината, „Земјо моја“ не е само песна, таа е емоција, спомен, врска што не избледува.

Токму затоа, новата верзија на Дорис Ди доаѓа како мост меѓу генерациите и географските далечини. Таа ги потсетува Македонците, без разлика каде се наоѓаат, на корените, на јазикот, на чувството на припадност кон Република Македонија. Во секој стих се чувствува таа тивка, но силна љубов кон татковината, љубов која особено силно се доживува кога си далеку од неа.

Со оваа интерпретација, Дорис Ди не само што му оддава почит на едно легендарно музичко дело, туку и создава нова, современа приказна. Приказна што ќе ја препознаат и ќе ја почувствуваат сите оние кои во срцето ја носат својата земја, без разлика на која страна од светот се наоѓаат.

Последни вести